Проруски политичар со апсолутно мнозинство: Радев ја презема Бугарија по осмите избори за пет години

Со излезност од 48,5% и прераспределба на гласови од партии под прагот, генералот кој западни аналитичари го опишуваат како „човек на Москва” добива целосен маневарски простор за формирање влада без коалициски партнери.

Бугарија доби стабилно парламентарно мнозинство по пет години и осум избори, но не оној вид стабилност по кој копнееше Брисел. Коалицијата „Прогресивна Бугарија” предводена од поранешниот претседател Румен Радев освои 44,69% и проектирани 131 пратеник во 240-члениот парламент, според податоци на Централната изборна комисија при обработени 91,68% протоколи. Западни аналитичари Радев одамна го идентификуваат како политичар со проруска ориентација и евроскептични позиции.

Математиката е јасна, прашањето е геополитичко

Со прераспределба на гласовите од партии кои не го поминаа прагот од 4%, блокот на Радев се проектира на околу 131 пратеник, десет повеќе од потребните 121 за апсолутно мнозинство, пренесува Цивил Медиа. Официјалната излезност изнесува околу 48,5%, што значи дека силното парламентарно мнозинство се темели врз поддршка на помалку од половина од гласачите.

Обидите на проевропските партии да формираат таканаречен „санитарен кордон” околу Радев и да го ограничат неговото влијание пропаднаа. Радев не зависи од коалициски партнери и нема парламентарни услови кои би го ограничиле при формирање влада.

Генерал со докторат и досие за Москва

Радев е роден во 1963 година во Димитровград. По образование и кариера е воен пилот со над 1.400 часови лет, докторат од областа на тактичката подготовка и магистратура по стратешки студии од американскиот воено-воздухопловен колеџ „Максвел”. Во периодот 2014–2016 бил командант на Воените воздушни сили на Бугарија.

Во политиката влезе во 2016 година, издигнат од Бугарската социјалистичка партија, и победи на претседателските избори со речиси 60% во вториот круг. Реизбиран е во 2021 година. Во јануари 2026 поднесе оставка, основа коалиција и се пренасочи кон парламентарна политика.

Западните аналитичари со конзистентна критика

Британскиот воен советник Глен Грант уште во 2021 година јавно изјави дека Радев „има авторитарни амбиции, не ги поддржува структурите на НАТО и на практика гледа кон Русија”, пренесува бугарската Википедија. Германскиот историчар Кристофер Неринг, специјалист за историјата на комунистичките тајни служби, тврди дека политичката кариера на Радев „започнала како човек на Москва” и дека и по почетокот на руската инвазија врз Украина, тој се вратил на таа почетна позиција.

Радев јавно ги оспоруваше одлуките за испорака на оружје на Украина за време на своето претседателство и имаше триења со партнерите во НАТО по прашањето на одбранбените набавки.

Бугарија ја затвори кризата, но се отвори неизвесност

Петте години политичка парализа и осум парламентарни избори се завршени. Бугарија за првпат добива носител на извршната власт со капацитет за самостојно владеење. Меѓутоа, прашањата за ориентацијата на земјата во ЕУ и НАТО, за односот кон Русија и за позицијата во врска со војната во Украина остануваат без јасен одговор, а со Радев на чело на влада, ЕУ добива нова точка на триење во сопствените редови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни