Рација среде Халовинска забава во московскиот клуб „Бизар“: 200 гости легнати на подот, полицијата проверувала документи

Полицијата упаднала во затворениот свингер-клуб „Бизар“ за време на забава за Ноќта на вештерките. Наводната причина била проверка за тн. „ЛГБТ-пропаганда“, но клубот соопштил дека не биле утврдени прекршувања и дека не му биле упатени забелешки.

Руска полиција спровела рација во затворениот свингер-клуб „Бизар“ (Bizarre) во Москва, среде забава организирана по повод Ноќта на вештерките. Во клубот имало околу 200 посетители, кои биле принудени да легнат со лицето кон подот додека полицајците ги проверувале нивните документи, објавија повеќе руски и независни медиуми.

Интервенцијата се случила во ноќта меѓу 31 октомври и 1 ноември. Според извештаите на „Медуза“, „Новаја газета Европа“ и „Настоящее время“, полицајците влегле во клубот на улицата Ленинска Слобода, по што следувале проверка на документите, претреси и испрашувања на присутните.

Како што пренесуваат телеграм-каналите Шот (SHOT) и База (Baza), поводот за акцијата наводно била проверка за „пропаганда на ЛГБТ“. Оваа информација засега не е официјално потврдена. Московската полициска управа, одговарајќи на прашање на РБК, соопштила дека нема информации за проверка во клубот.

Посетителите биле облечени во костими на ликови од цртани филмови и поп-културата, а според медиумските извештаи, на масите имало и сексуални помагала. Организаторите најавувале вечер со концептот „Сензориум“ (Sensorium), односно активности засновани на допир и истражување на сетилноста.

По завршувањето на полициската проверка, дел од посетителите биле ослободени, а според подоцнежните извештаи не биле утврдени прекршувања во работењето на клубот. Од управата на „Бизар“ потврдиле дека имало полициска проверка и се извиниле на гостите поради прекинатата забава. Соопштиле дека не биле пронајдени прекршувања и дека полицијата немала забелешки кон клубот. Како компензација за прекинатата вечер, на посетителите им ветиле по три бесплатни посети до крајот на годината.


Ова не е првпат руските безбедносни сили да интервенираат во клубот. Во декември 2024 година таму веќе имало полициска проверка, а во мај 2025 година била прекината тематската забава „Порочна: МИЛФ-мајки од античка Грција“ („Vicious: MILFs of Ancient Greece“). Повторената полициска интервенција се случува во контекст на рестриктивната политика на руските власти кон ЛГБТ-заедницата и изразувањето на сексуалниот и родовиот идентитет во јавниот простор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс