Еден работник загина, а двајца беа повредени денеска наутро на градилиште во скопската населба Кисела Вода, откако при ископ на темели дојде до масивно уривање на земјата. Инвеститор на објектот е Ивица Коневски, поранешен градоначалник на Општина Аеродром. Изведувачот Предраг Јакимовски остана недостапен за медиумите засега.
Еден загинат, двајца повредени, од кои еден со тешки скршеници
Утринската смена на градилиштето во Кисела Вода заврши со трагедија. При ископ на темели за нова зграда дојде до масивно уривање на земјата и тројца работници беа затрупани. По извлекувањето, еден од нив почина, вториот е со тешки скршеници, а третиот поминал со контузии, според информациите објавени во текот на денот.
Ова не е прв смртен случај во Кисела Вода оваа година. На 13 март 2026 година, на објект во изградба во истата општина, 59-годишниот градежен работник Ж.С. од селото Герман, Кривопаланечко, го загуби животот откако падна од висина додека извршуваше работни задачи.
Инвеститорот е поранешен градоначалник, изведувачот недостапен
Инвеститор на објектот е компанијата Нар Инвестмент, основана во ноември 2025 година, со сопственик и основач Ивица Коневски, поранешен градоначалник на Општина Аеродром. Изведувач на градежните работи е Компанија Јакимовски, сопственост на Предраг Јакимовски, кој во текот на денот остана недостапен за медиумите. Коневски изјави дека земјиштето е во семејна сопственост и дека за градбата се обезбедени сите потребни одобренија.
Полицијата и трудовите инспектори допрва треба да утврдат дали на градилиштето биле испочитувани стандардите за обезбедување на ископите.
Градежништвото е меѓу секторите со највисока смртност
Според Годишниот извештај за несреќи при работа за 2024 година на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР), во текот на таа година биле евидентирани вкупно 133 несреќи, од кои 17 со смртен исход. Секторот градежништво забележал 22 несреќи и 4 загинати работници, со што го дели неславното прво место по смртност со секторот транспорт. Стапката на смртност во 2024 година изнесувала 2,45 на 100.000 вработени, во споредба со 2,16 во 2023 година, тренд на пораст кој продолжува повеќе години наназад.
МЗЗПР предупредува дека реалната бројка е веројатно значително поголема, поради недоволната транспарентност и пријавување под влијание на сивата економија.
Законот постои, одговорноста не
Законот за безбедност и здравје при работа е јасен: работодавачот е должен да обезбеди безбедни услови, да ги процени ризиците, да организира обуки и да обезбеди заштитна опрема. Во пракса, овие обврски честo остануваат на хартија. Според Сојузот на синдикати на Македонија, голем дел од повредите при работа воопшто не се пријавуваат, бидејќи работодавачите вршат притисок врз работниците да молчат, бидејќи пријавената несреќа носи инспекциски надзор и можни санкции.
Кривичната одговорност за работодавачите речиси и не постои. Ретки се случаите во кои некој конкретно одговара за смртта или тешката повреда на работно место. Се додека институциите реагираат селективно, а контролите остануваат слаби, статистиките на МЗЗПР нема да тргнат надолу.