Тешка несреќа се случи утрово на градилиште во скопската населба Кисела Вода, каде при ископ на темели за зграда на улицата „Козјак“ дошло до лизгање на земјиштето. Во несреќата животот го загубил еден работник, а тројца други се повредени.
Сведоци што живеат во близина раскажуваат дека сцената била вознемирувачка. Еден од жителите вели дека околу 8:15 часот случајно погледнал кон градилиштето и видел човек затрупан од земја како бара помош, по што веднаш била повикана Итната медицинска помош.
Други граѓани посочуваат дека теренот во овој дел од населбата е проблематичен и небезбеден, особено поради песокливата подлога. Дел од нив реагираат и на урбанистичкото ширење во овој простор, тврдејќи дека ова не е првпат да има загриженост околу безбедноста.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека лекар од Брзата помош ја констатирал смртта на починатиот работник, а во тек се активности за целосно расветлување на случајот.
Основното јавно обвинителство соопшти дека е издадена наредба за обдукција на починатиот. Воедно, причините за несреќата и евентуалното непочитување на прописите за безбедност при работа ги испитуваат и Државниот инспекторат за труд и општинскиот градежен инспектор.
Тројцата повредени работници, на возраст меѓу 35 и 45 години, се пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Според информациите од Министерството за здравство, двајца имаат полесни телесни повреди и контузии и кај нив се прават дополнителни испитувања. Едниот бил третиран за повреда на лактот, додека третиот повреден има скршеници на двете потколеници и на бутот. Неговата состојба, како и состојбата на останатите повредени, и натаму се следи.
Таблата поставена во близина на градилиштето покажува дека инвеститор на објектот, кој е предвиден да има шест ката, е „НАР ДООЕЛ“, додека изведувач е „Јакимовски ДООЕЛ“. Како проектант е наведена компанијата „Сара 4 ДОО Скопје“. Дозволата за градба е издадена на 4 март 2026 година, а конечната согласност на 9 март 2026 година.
Се очекува истрагата да утврди под кои околности дошло до несреќата и дали на градилиштето биле почитувани сите безбедносни стандарди.