Рускиот претседател Владимир Путин денеска го одби предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директна средба и преговори за ставање крај на војната во Украина, оценувајќи дека во моментов таквиот состанок нема смисла. Говорејќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, Путин изјави дека добил писмо од Зеленски во кое украинскиот лидер повторно повикал на директни разговори меѓу двајцата претседатели.
Според Путин, содржината на писмото била „груба“, особено во контекст на неодамнешните напади во регионот Луганск, каде, според руските власти, загинале 21 лице. Рускиот претседател потсети дека претходно предложил евентуалната средба со Зеленски да се одржи во Москва, но украинската страна не ја прифатила таа понуда.
И покрај одбивањето на директна средба, Путин рече дека Москва останува подготвена за компромиси и политичко решение на конфликтот. Тој се повика на разговорите што, според неговите зборови, биле водени со американскиот претседател Доналд Трамп на минатогодишниот самит во Алјаска.
„Секако, украинската страна би сакала да го запре напредувањето на руската армија, но би било подобро војната да заврши преку прифаќање на компромисите што беа дискутирани во Анкориџ“, изјави Путин.
Од украинска страна засега нема официјална реакција на најновите изјави на рускиот претседател. Одбивањето на средбата доаѓа во период кога дипломатските напори за постигнување прекин на огнот остануваат без конкретен напредок, а борбите на фронтот продолжуваат со несмален интензитет.