Пукање на археолошки локалитет во Мексико: Убиена канадска туристка во Теотивакан

Трагедија во Теотивакан: вооружен напаѓач отвори оган врз посетители, при што загина канадска државјанка, а неколку лица се повредени. Напаѓачот се самоубил по нападот.

Пукање на еден од најпознатите археолошки локалитети во Мексико заврши трагично, откако вооружен напаѓач отвори оган врз посетители во Теотивакан, при што е убиена канадска туристка, а неколку лица се повредени.

Инцидентот се случил во понеделникот, на околу еден час од Мексико Сити, во зона која е под заштита на УНЕСКО и претставува една од најпосетуваните туристички атракции во земјата. Според мексиканските власти, напаѓачот по нападот си го одзел животот. Полицијата на местото на настанот пронашла огнено оружје, ладно оружје и муниција, што укажува на сериозна подготовка за нападот. Мотивите засега не се познати, а истрагата е во тек.

Претседателката на Мексико, Клаудија Шејнбаум, изјави дека внимателно ја следи ситуацијата и дека е во контакт со канадската амбасада. Таа нагласи дека безбедносните служби добиле наредба да спроведат детална истрага и да обезбедат поддршка за жртвите и нивните семејства.

„Она што се случи денес во Теотивакан длабоко нè погоди. Изразувам искрена солидарност со погодените лица и нивните семејства“, порача Шејнбаум.

Според информациите на властите, меѓу повредените има и двајца државјани на Колумбија, еден од Русија и уште еден канадски државјанин.

Теотивакан, познат по своите импресивни пирамиди и предхиспански рушевини, годишно привлекува милиони туристи, што го прави овој инцидент особено шокантен и загрижувачки за безбедноста на посетителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни