Нејзините тетратки и денес зрачат: Неверојатната приказна за Марија Кири

Нејзините тетратки и денес се чуваат во кутии обложени со олово бидејќи сè уште зрачат. Ќерката на Кири исто така добила Нобелова награда. И исто така умрела поради зрачење…

На 4 јули 1934 година, Марија Кири починала во санаториумот во Песи, Горна Савоја, Франција. Причина била апластична анемија предизвикана од долгогодишна изложеност на радијација во нејзините научни експерименти и во работата со мобилните рендгенски единици за време на Првата светска војна. Имала 66 години.

Полјакинка која ја освои Сорбона

Марија Склодовска е родена на 7 ноември 1867 година во Варшава, тогашен дел од Руската империја. Универзитетите ретко примале жени во тоа време, па таа се запишала на нелегалниот „Летечки универзитет” во Варшава.

Марија склучила договор со сестрата Бронја, ќе ја финансира нејзината медицинска диплома во Франција додека работи како гувернанта, а Бронја подоцна ќе и помогне да се пресели во Париз. Така во 1891 година се запишала на Сорбона, каде студирала хемија, математика и физика.

Двата елементи, двата Нобела

Во 1898 година, Марија открила дека една руда со ураниум зрачи многу повеќе отколку што може да се објасни со содржината на ураниумот. Тоа довело до откривање на нов елемент, 400 пати порадиоактивен од ураниумот, кој го нарекле полониум по родната земја на Марија. Потоа следувал и радиумот.

Кири е прва жена добитничка на Нобелова награда, прва личност која ја добила двапати и единствената личност која ја освоила во две различни научни дисциплини. Во 1903 ја добила во физика заедно со сопругот Пјер, а во 1911 самостојно во хемија.

Пјер и трагедијата

По трагичната смрт на Пјер Кири во сообраќајна несреќа во 1906 година, Марија го добила неговото место на Сорбоната и станала прва жена-професор на тој универзитет. Продолжила сама со работата. Самостојно и без пауза.

За време на Првата светска војна, Кири развила мобилна рендгенска станица заедно со ќерката Ирен. Лично извадила возачка дозвола и управувала со возилото до фронтот за да ги прегледува ранетите војници. На нејзина иницијатива, за време на војната биле постепено основани околу 200 радиолошки центри.

Тетратките кои сè уште зрачат

Сопружниците Кири никогаш не ги сфатиле во целост опасностите на радиоактивните материјали кои ги ракувале. Пјер намерно ја изложил раката на радиум и добил лезија. Уште полошо беше работењето со години во слабо проветрена шупа, изолирајќи радиум соли од тони питчбленд руда. Некои нејзини книги и трудови сè уште се толку радиоактивни што се чуваат во кутии обложени со олово.

Тетратката на Марија Кири од 1899 до 1902, која содржи белешки од експерименти со радиоактивни супстанции, сè уште зрачи и ќе зрачи уште 1.500 години.

Ирен, ќерката на Марија, влегла во науката по стапките на мајката и заедно со сопругот Фредерик Жолио добила Нобелова награда во 1935 година за откривање на вештачката радиоактивност. И Ирен починала поради болест предизвикана со зрачење, леукемија во 1956 година.

Пантеонот и последниот збор

Во 1995 година посмртните останки на Марија и Пјер Кири биле пренесени во парискиот Пантеон — маузолеј резервиран за истакнати француски мислители. Таа станала втора жена почестена на тој начин и прва која ја заработила со сопствените достигнувања. И двајцата се погребани во саркофази обложени со олово.

Оставила само една реченица вредна за цитат: „Ништо во животот не треба да се плаши, само да се разбере. Сега е времето да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку.”

е-Трн да боцка во твојот инбокс