Клиничкиот болнички центар Сплит има нов вработен член. Привлекува внимание каде и да се појави. На новото работно место е само пет дена и ги освои срцата и на пациентите и на вработените. Тоа е првата болница во Хрватска која има терапевтско куче – двегодишната пудлица Дора.
Двегодишните Мара, Рита и Ана се предвремено родени деца. Изминатите година дена кај нив здравствената ситуација е се подобра, благодарение на т.н сензорна терапија. Пудлицата Дора, која им е врсничка, за миг стана нивна пријателка.
„Кога ни кажаа дека ќе ја донесат Дора, бевме воодушевени. Освен што ќе им помага во развојот на моториката, им го зајакнува и имунитетот“, вели мајката на Ана, Матеа Вулетиќ.
„Хрватското здружение за обука на кучиња водичи ја донираше Дора на КБЦ Сплит. Нашиот директор го прифати предлогот од срце и така се случи Дора да е дел од нашиот тим, на задоволство и на децата и вработени“, објасни раководителот на Клиниката за детски болести на КБЦ Сплит доц. прим. д-р. д-р Бранка Полиќ.
За грижата кон Дора одговорноста е на доцентот Ирена Мишетиќ и терапевтот Матеа Видек.
„Отсекогаш сум сакал животни, но не можев да имам миленик поради работните обврски. Дора не е домашен миленик туку наша колешка“, вели Видек.
Меѓу другото, тој посочува и дека Дора е тренирана да јаде од лажица, со цел да ги мотивира децата кои имаат проблеми со голтањето.
„Пред да стигне Дора во болницата таа помина низ одредени тренинзи. Покрај другото таа ќе работи и со деца кои имаат проблеми со голтањето, па затоа во процесот на учење ја дресирале да јаде и од лажица. На тој начин ги стимулира децата да не се откажуваат, туку да ја следат“, додава Видек.
Бројни истражувањата покажуваат дека интеракцијата со куче има бројни придобивки за децата.
„Таа е посредник за комуникација, мотиватор за децата полесно да ги изведуваат вежбите. Ги учи децата на одредени вештини, а со тоа тие полесно ги прифаќаат ситуациите и ги надминуваат проблемите“, објасни раководителот на Одделот за психологија и образовна рехабилитација на КБЦ Сплит, д-р. Ирена Мишетиќ.
Нема сомнежи дека Дора, ако не со други барем со својот шарм ќе биде прогласена за работник на годината.
Извор: hrt.hr