Прскањето против комарци треба да почнува значително порано и да опфати поголема површина, особено на локациите каде има застоена вода и услови за нивно размножување, предупредуваат од Центарот за јавно здравје.
Николина Соколовска од ЦЈЗ, одговарајќи на новинарско прашање за навременоста на дезинсекцијата, посочи дека третманите во мај и јуни веќе доаѓаат доцна и дека клучно е критичните точки да се мапираат и да се третираат навреме.
„Треба да се обрне внимание на водените површини. Имаме намалување на бројноста на комарците во последниве 10 години, но потребно е да се мапираат и да се видат критичните точки и тие да се третираат. На пример, во Драчево не секаде има ист број комарци“, рече Соколовска.
ЦЈЗ годинава започнал со прскање од земја во јуни, веднаш по завршувањето на тендерската постапка.
„Средството е квалитетно, германско производство, нема никакви сомнежи за безбедноста на здравјето на населението“, изјави Соколовска.
Каде се најризичните места?
Министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека најголем ризик не се проточните реки, туку непроточните и отпадните води.
Како високоризични локации ги наведе каналите за наводнување во Скопското Поле, ископите, реката Серава, каналите во Гази Баба, главниот канал во Илинден, каналите во Драчево, Батинци и Студеничани, како и септичките јами.
Ризик претставуваат и гробиштата поради застоената вода во вазните, како и отпадите со стари гуми, кои се погодна средина за размножување на комарците.
Каналите во Драчево и Гази Баба веќе биле третирани, а третмани се спроведуваат и на други подрачја.
За ларвицидните третмани се користат биопрен и бактеријата Bacillus thuringiensis, која влијае врз развојот на ларвите.
Клековски најави и дека ќе се работи на обезбедување таблети со бацили за третирање на септичките јами, кои веќе се користат во Грција.
43 случаи на западно-нилска треска
Предупредувањата за навремена дезинсекција доаѓаат во период кога во земјава се регистрирани 43 случаи на западно-нилска треска, од кои 40 се потврдени, а три со само еден тест.
Први случаи се регистрирани и во скопските општини Центар и Чаир.
Надлежните информираа и дека е пронајдена првата мртва птица позитивна на западно-нилска треска – гавран. Пријавите за мртви птици ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство и тие се користат за понатамошно лоцирање на ризичните подрачја.
Од 2011 до крајот на 2025 година во Македонија биле регистрирани 54 лабораториски потврдени случаи на западно-нилска треска и пет смртни случаи поврзани со болеста.