Франција гори: Ученик со импровизиран пламенофрлач повреди жена во Марсеј

Снимката од нападот врз минувачката предизвика гнев, додека полицијата се соочува со засилено насилство и блокади низ земјата.

Француската полиција уапси 15-годишен малолетник откако жена се здоби со изгореници од прв степен на лицето при обид да спречи демолирање на автобуска станица во Марсеј. Инцидентот се случи за време на средношколските блокади што деновиве затворија стотици училишта низ Франција. Напаѓачот употребил дезодоранс и запалка за да направи импровизиран пламенофрлач, по што жртвата поднесе кривична пријава во полициската станица.

Нападот се одиграл на Плоштадот 4 Септември во седмиот арондисман на Марсеј, кога група млади лица почнале да уништуваат јавен имот. Снимката објавена на социјалните мрежи покажува маскирано лице облечено во црно како го насочува огнот директно кон главата на минувачката.

Полицијата соопшти дека уапсениот тинејџер претходно немал досие ниту бил евидентиран во полициските бази.

Градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан, отворено го осуди чинот преку социјалната мрежа Икс.

„Нашиот град е поприште на неприфатливо насилство, пожари и напади врз професори, пожарникари, новинари и жители на Марсеј, што ниедна цел не може да го оправда“, напиша Пајан.

Инцидентите во регионот Буш-ди-Рон продолжија со палење на контејнери, оштетување на влезови во училиштата и целосно опожарување на едно противпожарно возило пред средното училиште „Сент Егзипери“.

Насилството се прошири и во другите делови од земјата. Во Белфор, на североистокот на Франција, властите приведоа 17-годишник под сомнение за обид за убиство откако група демонстранти соборија и претепаа полицаец на улица. Полицијата употреби солзавец во Стразбур и приведе демонстранти во париското предградие Пантен по напади врз службените лица.

Официјалните служби запленија молотови коктели, секири и пиротехнички средства, додека само на училиштето „Нелсон Мандела“ во Нант е пријавена штета поголема од два милиони евра.

Блокадите што зафатија повеќе од илјада образовни установи започнаа поради незадоволство од состојбите во училниците, предолгите часови, високите температури во објектите и недостигот на наставен кадар.

Тензиите дополнително се зголемија по најавата на француската влада за мерки за штедење во буџетот за 2027 година. Предвидениот раст на буџетот за образование од 1,7 отсто е под стапката на инфлација, што синдикатите и ученичките организации го оценија како директно намалување на стандардот во јавниот образовен систем.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека полицијата досега привела илјадници лица во обид да воспостави ред на улиците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс