Младите од протестите во Албанија да излезат со своја пратеничка листа, повика независна пратеничка

Марјана Коќеку побара политичките партии да отстапат простор за независно организирање на младите и нивно претставување во парламентот.

Протестите во Албанија треба да добијат политичко претставување преку листа што ќе им овозможи на младите да влезат во парламентот, порача независната пратеничка Марјана Коќеку. Во објава на социјалните мрежи таа повика на поширока граѓанска поддршка за ваквото организирање, пренесува Алмакос.

„Протестите ќе продолжат, во тоа нема сомнеж“, напиша Коќеку, оценувајќи дека главното прашање сега е како движењето ќе се организира и ќе обезбеди свои претставници во институциите.

Според неа, присуството на плоштадите треба да биде придружено со подготовка на листа за албанското Собрание. Таа ги повика граѓаните на солидарност, а старите и новите политички партии да им отстапат простор на младите за самостојно политичко дејствување. Нивното независно претставување го оцени како најлегитимно во изминатите 35 години транзиција.


Повикот потсетува на чекорот на студентското движење во Србија, кое во мај 2025 година побара предвремени парламентарни избори и најави подготовка на изборна листа. Српските студенти тогаш објаснија дека на листата ќе предложат кандидати што ќе ги поддржат, без самите да бидат кандидати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс