Жителите на Гостивар денес излегоа денеска на протест пред просториите на ЈП „Комуналец“, по масовното труење од питка вода поради кое над 3.100 жители завршија со стомачни тегоби. Револтираните присутни изразија разочараност од слабиот одѕив на своите сограѓани и побараа итна институционална одговорност за здравствената криза во градот.
Собирот помина без официјален организатор и без формални говори. Граѓаните кои дојдоа пред седиштето на комуналното претпријатие посочија дека се изненадени од малата посетеност, со оглед на тоа што со денови се соочуваат со неисправна вода за пиење и одржување хигиена.
Присутните истакнаа дека водоснабдувањето е основна потреба и дека градот се наоѓа во незаштитена положба. Дополнителен проблем за гостиварци претставува и недостигот на пробиотици во локалните аптеки, што го отежнува лекувањето на заболените.
Претходно денес, Министерството за внатрешни работи спроведе акција во која се приведени в.д. директорката на ЈП „Комуналец“, Арта Асани, шефот на секторот „Водовод и канализација“ и техничкиот директор на претпријатието.
Пред приведувањето, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, на вонредна седница на општинскиот совет ја суспендираше директорката Асани.
Здравствените власти потврдија дека анализите на водата се готови, но нивните резултати сè уште не се јавно објавени бидејќи се чека согласност од Јавното обвинителство.
Жителите на Гостивар во меѓувреме се снабдуваат со питка вода од донации и преку седум дежурни пунктови низ градот. Полицијата продолжува со прибирање докази во рамки на предистражната постапка за утврдување на сите околности за загадувањето.