Судири меѓу цивили, полиција и припадници на Националната гарда избија синоќа во населбата Петропавливска Боршчахивка, во близина на Киев, откако десетици граѓани протестираа пред куќа користена како воен објект. Тензиите ескалираа по информации на социјалните мрежи за наводно незаконско притворање и физичко малтретирање мобилизирани војници, по што полицијата пукаше предупредувачки во воздух и употреби солзавец за да ја растера толпата.
Инцидентот започна откако на локалните канали се раширија тврдења дека во подрум на куќа се држат неколку десетици мажи, од кои некои наводно биле тепани. Пред објектот набрзо се собраа револтирани граѓани и семејства кои бараа да видат што се случува внатре.
😨 Protesters near Kyiv have started throwing eggs and lighting flares as tensions escalate A protest is ongoing in Petropavlivska Borshchahivka outside a house used by Ukraine’s National Guard to temporarily accommodate mobilized servicemen. The crowd is demanding answers following reports of alleged mistreatment of military personnel.
— NEXTA (@nexta_tv) November 2, 2026
Групата почна да фрла јајца кон припадниците на редот, а дел од луѓето се обидоа насила да влезат во дворот и ја пробија оградата. Ситуацијата дополнително се заостри кога пристигна автобус со намера да превезе околу 15 лица од објектот. Дел од присутните го опколија возилото и се качија на него, по што беа оштетени стаклата.
Првиот корпус на Националната гарда соопшти дека станува збор за привремен сместувачки капацитет што го користи 14. јуришен полк, а не за илегален затвор. Според воените власти, дел од војниците внатре биле новомобилизирани, додека други чекале прераспределба по самоволно напуштање на матичните единици.
Четворица војници се пренесени во болница со телесни повреди. Од воената команда категорично демантираа дека има загинати лица и најавија официјална истрага за целиот случај.
Националната полиција соопшти дека интервенирала откако лекар од приватна брза помош пријавил оневозможен пристап до лице во зградата. Полицијата ги отфрли тврдењата за заложничка криза или илегално лишување од слобода.
На терен пристигнаа и високи претставници на украинските власти. Шефот на претседателскиот кабинет, Кирило Буданов, изјави за медиумите дека дошол лично да ја утврди состојбата и потврди дека во зградата се наоѓале 14 војници чиј транспорт до болница бил отежнат поради блокадата. Воената правобранителка Олга Решетилова соопшти дека сите припадници на војската се на безбедно и дека е овозможена комуникација со нивните семејства, додека истражните органи работат на расчистување на настанот.
Ваквите инциденти ја илустрираат зголемената општествена чувствителност и тензиите околу процесите на мобилизација во воени услови, каде што нетранспарентноста лесно отвора простор за дезинформации и улични судири.
