Италија, заедно со Австрија, Хрватска, Чешка, Грција, Словачка и Словенија, се спротивстави на предлогот за воведување нови рестриктивни механизми во процесот на пристапување на идните членки во Европската Унија.
Како што објави „Еуроактив“, предлогот доаѓа од Франција, Германија и земјите од Бенелукс, а предвидува идните членки во одреден преоден период да имаат ограничено право на глас при одлучување за буџетски, безбедносни и надворешнополитички прашања.
На ваквата идеја се спротивставила групата „Пријатели на Западен Балкан“, предупредувајќи дека таа би можела да создаде впечаток на „второкласно“ членство во Европската Унија.
Проширувањето да важи по исти правила за сите
Во документот на земјите што се противат на предлогот се нагласува дека процесот на проширување треба да се води по единствени правила за сите кандидати.
Тие предупредуваат дека воведувањето нови политички предуслови, дополнителни барања или паралелни процедури би можело да ги обесхрабри земјите кандидати и да го ослаби влијанието на Европската Унија во нејзиното соседство.
„Треба да се избегнуваат нови барања, политички предуслови или дополнителни институционални чекори, бидејќи тие би ги обесхрабриле кандидатите и би го ослабнале влијанието на Унијата во нејзиното соседство“, се наведува во документот.
Прифаќаат заштитни механизми, но не и нови условувања
Земјите од групата прифаќаат можност за заштитни клаузули, преодни мерки и механизми за следење по пристапувањето, но само доколку тие се пропорционални, правно оправдани и засновани на конкретни потреби.
Иницијативата доаѓа во пресрет на Европскиот совет во октомври, кога лидерите на Европската Унија повторно се очекува да разговараат за политиката на проширување.
Темата е особено важна за земјите од Западен Балкан, чии пристапни процеси со години се соочуваат со застој.
Тајани: Приоритет е повторното обединување со Западен Балкан
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани порача дека Европската Унија треба да обезбеди рамноправен статус за сите држави по нивното пристапување.
Според него, не треба да се воведуваат нови условувања, но треба да се задржи заедничка рамка што ќе биде прилагодена на специфичностите на секоја земја кандидат.
„Убедени сме во потребата политички приоритет да му се даде на повторното обединување на европското семејство со Западен Балкан“, изјави Тајани.