„Проникнување“ на Кристина Хаџиева: изложба што бара да се гледа и одвнатре

Изложбата во Офицерскиот дом во Битола тргнува од интимноста и отвора прашања за телото, идентитетот, природата и начинот на кој го доживуваме видливото и невидливото

„Проникнување“, новата самостојна изложба на визуелната уметница Кристина Хаџиева, ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Офицерскиот дом при Културно-информативниот центар – Битола. Изложбата продолжува една лична уметничка линија во која интимноста, вниманието и внатрешното искуство стануваат почетна точка за истражување на видливото и невидливото.

Од интимноста до „Проникнување“

Хаџиева (1982, Скопје) работи во областа на цртежот, сликарството, инсталацијата и интердисциплинарното истражување. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година, а во својата работа се занимава со теми како интимноста, идентитетот, телото, природата и односот меѓу внатрешното искуство и начинот на кој гледаме.

Самата уметница вели дека „Проникнување“ произлегува од претходната работа „Интимност“.

„Од мојата лична состојба на интимност, од допирот до нешто, во еден миг тоа нешто почна да расте, да се отвора, да проникнува, да добива динамика и да се поврзува“, вели Хаџиева.

За неа, процесот не завршува со создавањето на делото, туку продолжува преку начинот на кој гледачот го доживува.

„Проникнување на самиот живот и моето внимание кон она што во мене проникнува. Одовде понатаму се обликува делото што сега го гледаме пред нас“, додава таа.

Не само да се гледа, туку и да се доживее

По отворањето, од 20:30 часот, Хаџиева ќе води „внатрешно поврзување“, замислено како продолжение на изложбата и можност делото да се доживее надвор од однапред зададени концепти и шеми.

„За мене е важно: кој гледа, кој чувствува и кој слуша“, вели авторката.

Хаџиева зад себе има повеќе самостојни изложби во Македонија и Германија. Во 2026 година ги реализира изложбите „Поврзување“ во Музеј-галерија Кавадарци и „Поблиску од здивот“ во КИЦ – Скопје.

Таа е членка на ДЛУМ и ДЛУБ, активна членка на уметничката група МОМИ и една од основачите на Култниот арт институт. Годинава учествува и на Годишната изложба на ДЛУБ, како и на изложбата „Цртеж – експериментален цртеж“ во организација на ДЛУМ.

Изложбата „Проникнување“ е финансирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Битола и Културно-информативниот центар – Битола.


е-Трн да боцка во твојот инбокс