Во Лапидариумот на НУ Музеј – Куманово, на 11 јуни (четврток) со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Ништо нормално“ од авторката Симона Јованоска, во издание на издавачката куќа „Или-Или“ од Скопје.
Книгата ќе биде промовирана низ разговор со авторката, а промотор на настанот ќе биде Наташа Атанасовска.
Од своето објавување во март годинава, „Ништо нормално“ предизвикува силен интерес кај читателската публика, благодарение на својот специфичен стил, провокативниот пристап и обработката на современи теми, со фокус на обичниот човек и неговите секојдневни предизвици.
Промоторката Атанасовска е една од основачките на читателскиот клуб во Куманово, кој активно функционира веќе 15 години. Таа е преведувачка и магистер по конференциско толкување, со долгогодишно искуство во културната сцена.
Авторката Симона Јованоска е родена во 1985 година во Гостивар. Образованието го започнала во родниот град, а потоа дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, на отсек маркетинг.
Нејзиното книжевно творештво започнува во 2015 година со збирката раскази „Ги најдов во длабокото“, објавена исто така во „Или-Или“. Во 2019 година ја добива втората награда на конкурсот на „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Нејзиниот роман „Денот на црвот“ (2021, 2022, 2024) е прогласен за „Роман на годината“ од Фондацијата „Славко Јаневски“ и е преведен на неколку јужнословенски јазици. Во 2022 година ја објавува и книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“, а во 2024 година романот „Леска Брезоска“.
Настанот во Куманово претставува уште една можност за средба со современата македонска книжевна сцена и новото прозно творештво.