„Јета“ на Ивана Трајаноска утре ќе биде промовирана во Скопје

Во бистрото Комедија утре ќе се одржи промоција на романот „Јета“ од авторката Ивана Трајаноска. Делото отвора прашања за идентитетот, мултикултурализмот, женската издржливост и историските поделби на Балканот низ приказната на една Албанка од Македонија.

Новата книга „Јета“ од писателката Ивана Трајаноска утре (четврток) од 18:30 часот ќе биде промовирана во бистрото Комедија во Скопје. Со авторката ќе разговара Олгица Крстеска, а романот неодамна беше објавен како 249. издание во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или.

„Јета“ е роман кој длабоко навлегува во прашањата за идентитетот, припадноста, етничките и верските поделби, како и сложените општествени трансформации на Балканот низ 20 век и постјугословенскиот период.

Главниот лик Кадрије, позната под своето партизанско име Јета, е Албанка од муслиманско семејство од Македонија која учествува во Втората светска војна, а подоцна сама ги одгледува своите деца како самохрана мајка. Преку нејзиниот живот, романот ја следи промената на едно општество – од партизанската борба и социјалистичката обнова, до распадот на Југославија и новите идентитетски и политички судири.

Авторката преку ликот на Јета ја прикажува борбата на една жена да изгради достоинство и личен идентитет во патријархално, етнички и верски поделено општество. Но романот не останува само на нејзината приказна. Наративот се проширува и кон нејзиното мултиетничко семејство, нејзините деца и внуци, прикажувајќи како различните генерации се справуваат со наследените трауми, поделби и идеали за соживот.

„Јета“ отвора и пошироки теми за ксенофобијата, стереотипите и односот кон „другиот“, не само како политичко прашање, туку и како интимна семејна реалност. Романот поставува прашања за тоа како љубовта, стравот, религијата, јазикот и етничката припадност го обликуваат човековиот идентитет.

Книгата, иако силно втемелена во македонскиот и балканскиот контекст, носи и универзални пораки за толеранцијата, човечкото достоинство и можноста за разбирање во поделени општества.

Ивана Трајаноска е родена во Скопје во 1981 година. Таа е универзитетска професорка, писателка, преведувачка и интердисциплинарна истражувачка. Авторка е на романите „Разгледници“ и „Деса“, како и на повеќе раскази објавени на македонски и англиски јазик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс