Намалена берзанска активност ја одбележа последната трговска недела на Македонска берза. Во периодот од 24 до 27 август бил остварен вкупен промет од 29,7 милиони денари, што е пад од 58,48 отсто во однос на претходната недела. Најголем интерес имало за акцијата на Комерцијална банка, додека најголем ценовен раст од 5,95 отсто забележал Алкалоид.
Според неделниот извештај на Македонска берза, тргувањето било реализирано преку 164 трансакции, односно 112 помалку во споредба со претходната недела. Биле истргувани 7.516 акции и една обврзница.
Комерцијална банка најтргувана
Најголем промет во текот на неделата остварила Комерцијална банка, со 11,6 милиони денари. Следуваат: НЛБ Банка – 5,1 милиони денари; Алкалоид – 4,1 милиони денари; Макпетрол – 1,2 милиони денари; Реплек – 1 милион денари. Вкупниот промет од 29,7 милиони денари е еквивалентен на околу 484 илјади евра.
Алкалоид со најголем раст
Меѓу акциите што забележале раст, најдобар резултат имала акцијата на Алкалоид, чија вредност се зголемила за 5,95 отсто. Раст забележале и Универзална инвестициона банка – 3,87 отсто,ТТК Банка – 1,89 отсто. Од друга страна, пад на вредноста имале: Комерцијална банка – 0,39 отсто; Реплек – 0,35 отсто; АЛТА банка – 0,08 отсто.
Хотели Метропол со најмногу истргувани акции
Според количината на истргувани акции, најактивна била Хотели Метропол Охрид, со 1.000 акции.Потоа следуваат: Комерцијална банка – 451 акција; Макстил – 353 акции.
Во текот на неделата била реализирана и една блок-трансакција со акции на Институт за заварување „Југ“ – Скопје. Во трансакцијата биле истргувани 340 акции по цена од 9.225 денари за акција.