Викендов доаѓа нов топлотен бран со температури над 40 степени

Сончевото време со повремени попладневни нестабилности брзо преминува во екстремен топлотен бран кој за викендот ќе ја зафати целата земја.
Фото: Freepik

Времето денес беше сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне се очекува локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер низ државата, а ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Во 17 часот најниска температура беше измерена на Попова Шапка, 16.6 степени, а највисока 37.6 степени во Гевгелија.

Во Скопје исто така има услови за попладневна нестабилност со пороен дожд и грмежи.

Утре се очекува сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Попладне во планинските региони ќе има зголемена облачност со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ветерот ќе дува од северозападен правец со слаба до умерена јачина. Во Скопје времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.

Од четврток започнува период на претежно стабилно и многу топло време. Минималните температури ќе се движат од 12°C до 21°C, додека максималните ќе достигнат од 33°C до 39°C. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.

Петокот, 21 август, носи дополнителен пораст на температурите, кои ќе се движат во опсег од 13°C до 22°C за минималната, односно од 34°C до 40°C за максималната дневна температура.

Во сабота, 22 август, минималната температура ќе биде од 14°C до 23°C, а максималната ќе се искачи од 35°C до дури 41°C. Наместа ќе има услови за нестабилност проследена со засилен ветер, пороен дожд и грмежи. Во деновите од викендот дневната температура во повеќе региони во државата се очекува да ја надмине границата од 40 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс