Во Гостивар официјално е прогласена епидемија на заразна болест, откако во изминатите денови нагло се зголеми бројот на граѓани со симптоми на гастроентероколит. Одлуката ја донесе Центарот за јавно здравје Тетово – епидемиолошката служба во Гостивар, кој најави дека состојбата ќе се следи на дневно ниво.
„Поради зголемениот број заболени и надминувањето на епидемиолошкиот праг на неделно ниво, прогласуваме епидемија на подрачјето на Гостивар. Редовно ја следиме состојбата, ги анкетираме заболените пациенти и ги спроведуваме сите потребни мерки“, соопштија од епидемиолошката служба.
Во последните 24 часа во Општата болница во Гостивар биле прегледани околу 200 пациенти на Инфективното одделение, како и околу 110 деца на Педијатрија, најголемиот дел со симптоми како дијареја, повраќање и дехидрација. Дополнително, 290 лица побарале помош во Итната медицинска служба.
Поради состојбата, Владата донесе одлука интервентно да обезбеди 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно, која ќе се дистрибуира преку седум пунктови во Гостивар. Мерката ќе важи додека трае забраната за користење на водата од градскиот водовод.
Од Владата соопштија дека очекуваат целосно расчистување на случајот и најавија дека секој за кого ќе се утврди одговорност ќе одговара согласно законот. Истовремено, апелираат граѓаните да ги следат исклучиво официјалните препораки на надлежните институции.
Во сила останува забраната за користење на водата од градскиот водовод, воведена по препорака на надлежните институции. Институтот за јавно здравје претходно објави препораки за користење безбедна вода и мерки за спречување на заболувања што се пренесуваат преку вода.
Во меѓувреме, полицијата и Основното јавно обвинителство ја продолжуваат истрагата за причините за епидемијата. Предмет на проверка е и информацијата дека биле поставени три нелегални пумпи во реката Вардар, поврзани со главниот водоводен систем на Гостивар. Официјалните резултати од анализите на водата се очекуваат во текот на утрешниот ден, по што обвинителството ќе одлучи за натамошните чекори.