УЕФА планира да одржи итен виртуелен состанок со сите 55 земји членки оваа недела, известуваат BBC и ESPN. Поводот е незадоволството од новата стратегија и планираната продажба на удели во посебна фирма на ФИФА на приватни инвеститори. Европската централа обвинува дека со овој потег светското фудбалско раководство ја става „душата“ на фудбалот на продажба.
Оваа недела УЕФА организира виртуелна средба за да изработи план за акција со кој ќе одговори на намерите на светската куќа на фудбалот. Реакцијата следува по соопштението на ФИФА од вторникот дека сака да формира ќерка-компанија со вредност од 20 милијарди долари. Таа единица би ги водела комерцијалните и оперативните работи за сите нејзини натпреварувања.
Според предложениот план, организацијата ќе формира субјект наречен „ФИФА Форвард Ентерпрајз“ (FIFA Forward Enterprise), кој ќе управува со настаните и комерцијалното работење. Светската федерација, која неодамна го одржа најголемото Светско првенство во историјата со 48 репрезентации во САД, Канада и Мексико, планира да го задржи контролниот пакет. Сепак, преку понуда на малцински удел од најмногу 20 проценти до приватни инвеститори, ФИФА планира да обезбеди капитал од 4,2 милијарди долари.
Отворањето на вратата за надворешен капитал предизвика бурна реакција од УЕФА. Од европското управно тело оценија дека ваквиот бизнис модел ја загрозува суштината на спортското управување. Од УЕФА до овој момент немаат официјален писмен одговор на барањата за дополнителен коментар.