Меѓу загинатите во Краков британски државјанин, а петмина странци меѓу повредените

Вооружен 24-годишен маж пукал од автомобил во движење на Главниот плоштад во Краков, а потоа отворил оган и врз полицајците. Осомничениот, кој според полицијата дејствувал сам, е ранет и уапсен.

Девет лица загинаа, а 16 се повредени во масовното пукање што се случи на Главниот плоштад во Краков, Полска. Меѓу загинатите е и британски државјанин, додека меѓу повредените има пет странски државјани од Австрија, Германија, Португалија, Русија и Велика Британија, соопштија полските власти.

Осомничениот е 24-годишен маж, полски државјанин, за кого полицијата соопшти дека дејствувал сам. Во нападот шест лица биле застрелани на плоштадот, а во неговиот дом подоцна биле пронајдени уште три тела. Се сомнева дека станува збор за неговите родители и сестра, но истрагата треба да ги утврди околностите на нивната смрт.

„Постојат многу индиции дека станува збор за членови на неговото потесно семејство“, изјави полскиот премиер Доналд Туск.

Полицијата возвратила на огнот по три минути

Според сведочењата и информациите од полицијата, автомобилот од кој било пукано со голема брзина влетал на Главниот плоштад нешто по 15 часот. Градските власти потврдиле и дека напаѓачот пукал кон трамвај на линијата број 1, но ниту еден патник или возач не бил повреден.

Полскиот министер за внатрешни работи и администрација, Марчин Кјервински, изјави дека полицајците ги испукале првите куршуми кон напаѓачот само три минути откако бил пријавен инцидентот. Во рок од три минути пристигнале и противпожарната служба и екипите на итната медицинска помош.

„Брзата реакција на полицијата спречи многу поголем масакр“, нагласи Кјервински.

Во автомобилот од кој било пукано кон минувачите биле пронајдени повеќе парчиња оружје. При бегството од полицијата, осомничениот се судрил со бел автомобил на една раскрсница, по што излегол од возилото и отворил оган врз полицајците. Тие возвратиле, го совладале и го уапсиле.

Во престрелката биле повредени и двајца полицајци. Едниот добил прострелна рана, додека другиот е во многу тешка состојба со три прострелни рани. Напаѓачот, кој исто така бил ранет, бил пренесен во болница во Краков.

Напаѓачот немал полициско досие

Според полициските наоди, осомничениот бил маскиран, облечен во воена облека и носел долга пушка, најверојатно полуавтоматска пушка АР-15. Министерот за национална одбрана Владислав Косинијак-Камиш ги отфрли информациите дека мажот бил припадник на полската армија, нагласувајќи дека никогаш немал врска со војската.

Заменик-инспекторот Анджеј Фјолек, портпарол на началникот на полицијата, изјави дека осомничениот имал дозвола за поседување огнено оружје и дека најверојатно пукал со едно од оружјата за кои имал дозвола. Според полицијата, тој немал претходно криминално досие.

Началникот на полицијата, генералот Марек Борон, соопшти дека во интервенцијата учествувале 30 полициски екипи. Меѓу шесте лица убиени на плоштадот се британски државјанин и три Полјачки, додека идентитетот на уште две жртви сè уште не бил утврден.


Поради масовното убиство, во Полска се прогласени два дена жалост, денеска и утре, додека во Краков жалоста ќе трае четири дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс