Инфантино сака да продава дел од ФИФА, УЕФА остро реагира

ФИФА нуди 20 отсто удел во нова фирма за 4,2 милијарди долари, а европската куќа порачува дека управувањето со играта нема цена.

Светската фудбалска федерација најави формирање нова комерцијална подружница проценета на 20 милијарди долари и продажба на удел од ФИФА до 20 проценти на надворешни вложувачи. Планот за собирање 4,2 милијарди долари веднаш наиде на остри критики од УЕФА, од каде што порачаа дека управувањето и душата на фудбалот не се за трговија.

Светската куќа на фудбалот планира да ја формира подружницата „ФИФА форвард ентерпрајз“ (ФФЕ), во која ќе се концентрираат сите комерцијални активности и организацијата на настаните. Според планот, ФИФА ќе го задржи целосниот контролен пакет и сопственоста, но ќе им понуди малцински акции на приватни инвеститори за да собере до 4,2 милијарди долари.

Банката „Џеј Пи Морган“ веќе работи на привлекување капитал. Меѓу водечките инвеститори се очекува да биде фондот „Трајв етернал“, под водство на Џошуа Кушнер. Од ФИФА наведуваат дека надворешните вложувачи нема да имаат оперативна улога, ниту пак влијание врз спортските и регулаторните одлуки.

Европската фудбалска унија реагираше со остра осуда за оваа иницијатива, тврдејќи дека потегот ја преминува границата на спортското управување. Од Нион порачаа дека институциите ги немаат правата за продажба на фудбалот и побараа транспарентност за тоа кој финансиски добива од зделката.

„Душата и управувањето со фудбалот не се средства за трговија. Никој од нас не е сопственик на фудбалот, тој не е за продажба од страна на ФИФА“, стои во официјалната реакција на УЕФА.

Несогласувањата меѓу претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, и првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, траат подолг период. Чеферин го бојкотираше финалето на Светското првенство одржано во САД, Канада и Мексико по серија спорови околу организацијата и судењето.

ФИФА планира да ги искористи прибраните средства за финансирање на своите 211 членки, меѓу кои е и Фудбалската федерација на Македонија. Со овој план, директната поддршка за секоја национална сојузна организација треба да порасне од досегашните 8 милиони на 20 милиони долари за циклусот од 2027 до 2030 година.

Покрај редовните грантови, федерациите ќе имаат можност за еднократен капитал до 20 милиони долари наменет за инфраструктура, тренерски кадар, младински школи и развој на женскиот фудбал. Инфантино смета дека ова обезбедува рамномерна распределба на ресурсите во глобални рамки, но предлогот допрва треба да го изгласа Советот на ФИФА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс