„Пркосните 12“: 30 портрети што ја претворија инклузијата во реалност

Изложбата во КСП Центар – Јадро ја заокружи тримесечната инклузивна фотографска програма на ГО ПРКОС, под менторство на Драги Неделчевски, и покажа дека фотографијата може да биде многу повеќе од слика – простор за доверба, разбирање и заедништво.
Фото: Небојша Гелевски

Во време кога зборот инклузија често се користи како проектна фраза, изложбата „Пркосните 12“ во КСП Центар – Јадро го врати неговото значење таму каде што најмногу тежи – меѓу луѓето.

Не станува збор само за изложба на фотографии. Станува збор за приказна за дванаесет учесници, три месеци заедничко учење, 30 портрети и едно искуство во кое фотографијата стана средство за комуникација, блискост и личен израз.

Изложбата е завршница на тримесечниот инклузивен курс за фотографија, организиран од граѓанската организација ПРКОС, под менторство на фотографот Драги Неделчевски. Таа беше отворена на 12 јуни во КСП Центар – Јадро, како дел од јубилејното петто издание на Маалски фестивал.

Курс што почнал како работилница, а заврши како заедница

Во изложбата се претставени 30 портрети создадени меѓу дванаесетте учесници во практичниот дел од програмата. Низ дванаесет работилници, тие учеле, истражувале и создавале преку фотографијата, но истовремено граделе простор на меѓусебно разбирање и помагање.

Дванаесетте „пркосни“ фотографи и фотографки, кои воедно се појавуваат и како модели во фотографиите на своите колешки и колеги, се: Маја Цветаноска, Ирена Поповска, Љубинка Поповска, Вероника Љоровска, Марина Настевска, Сузана Стојановска, Никола Стојановски, Небојша Гелевски, Љубинка Брашнарска, Марија Савеска, Оливера Савеска и менторот Драги Неделчевски.

Од ПРКОС велат дека курсот бил инклузивен „во секоја смисла“ – според возраста, попреченоста, родот и интересите. Меѓу учесниците, на возраст од 25 до 75 години, брзо се создале спонтана интеракција, синергија и емпатија.

Токму тоа е суштината на „Пркосните 12“: не само изложба што зборува за инклузија, туку изложба што покажува како изгледа инклузијата кога навистина ќе се случи.

„Имаше емпатија без лажна патетика“

Фотографот Драги Неделчевски, кој го водеше курсот, вели дека ова искуство ги надминало неговите очекувања. Иако зад себе има долгогодишно искуство со курсеви и предавања за фотографија, оваа програма, како што раскажува, била поинаква.

„Да бидам искрен, се чувствувам прекрасно. Се надевам дека имам и јас право на тоа“, вели за Трн Неделчевски по отворањето на изложбата.

Тој зборува и за личниот товар што го носи секојдневно, како татко на син со церебрална парализа, но и за потребата знаењето да се споделува со луѓето наоколу. За него, фотографијата одамна не е само професија или уметност, туку начин на преживување, автотерапија и комуникација со светот.

„На курсот се случи нешто многу интересно, се создаде една хемија. Бевме различни категории луѓе, лица со атипичен развој, асистенти, луѓе без попреченост, но бевме сплотени како една група. Имаше емпатија без лажна патетика, помагање, смеа од срце и заинтересираност за фотографијата“, вели Неделчевски.

Изложбата, како што објаснува, првично не била ни планирана. Таа се појавила како природен резултат на процесот.

„Изложбата се изроди како логична последица на сето што го доживеавме. Јас сум пресреќен, а гледам дека и другите се среќни“, додава тој.

Фотографија како лична трага

Во текстот подготвен за изложбата, Неделчевски се навраќа и на своите почетоци со фотографијата во седумдесеттите години од минатиот век. Вели дека почнал да фотографира сакајќи да остави трага зад себе – од светот, од својот живот, од луѓето што го опкружуваат и од нештата што му се случуваат.

По раѓањето на неговиот син Мане во 1994 година, фотографијата за него станала излез од секојдневната борба и средство за автотерапија. Со текот на времето, открил дека фотографијата може да му помогне во животот, но и дека знаењето за неа треба да се споделува.

„Сакав да бидам Дедо Мраз на некој начин. Затоа што сметам дека давањето е поголемо и позначајно од примањето“, пишува Неделчевски.

Таа мисла речиси совршено ја објаснува атмосферата на „Пркосните 12“. Курсот не бил само предавање „ex cathedra“, ниту уште една активност за фотографија. Тој прераснал во средба, во вторничко дружење што учесниците го чекале, во простор каде што се зборувало за фотографија, но и за живот, филозофија, трпение и радост.

Ирена Поповска: Инклузија преточена во реалност

Ирена Поповска од ГО ПРКОС, која ја иницирала активноста, вели дека идејата за курсот дошла од лични потреби и тешки околности. Како што пишува во своето обраќање, кога започнува нова активност во ПРКОС, најчесто тргнува од сопствените потреби и афинитети.

Со Драги Неделчевски, како што вели, лесно се договориле за курикулумот, затоа што се „стари соборци и паталци“. За него пишува дека бил харизматичен, елоквентен и забавен како човек, а таков бил и како ментор.

„Курсот беше инклузивен во секоја смисла. Меѓу луѓето брзо се створи спонтана интеракција, синергија и емпатија. Да се спојат и сплотат вакви, такви и онакви учесници од 25 до 75 години е вистинско задоволство. Всушност, тоа беше таа толку посакувана инклузија преточена во реалност“, вели Поповска.

Според неа, изложбата остава значајна документарна трага. Портретите создадени на двете фотосесии не се само визуелен резултат, туку сведоштво за искуство со „безмерна човечка вредност“.

Маалски фестивал како простор за заедница

Според Ѓорѓе Јовановиќ, уметник и организатор на Маалски фестивал, токму ваквите програми ја покажуваат суштината на фестивалот – културата да не остане затворена во институции, туку да излезе меѓу луѓето, во маалото, во секојдневието и во заедничкото создавање.

„Маалски фестивал не е класичен фестивал. Неговата програма во голема мера се реализира преку соработка со локалната заедница. Нашите соседи, жителите на Дебар Маало, Центар и Скопје се активен дел од работилниците и без нивното учество овој фестивал практично не би постоел“, вели Јовановиќ.

Тој додава дека фестивалот веќе пет години опстојува со скромни средства, но со голема енергија, благодарение на независната културна сцена, младите уметници и граѓаните кои не се само публика, туку и учесници во програмата.

Во таа смисла, „Пркосните 12“ совршено се вклопуваат во духот на Маалски фестивал – како изложба што не ја гледа заедницата од страна, туку ја гради одвнатре, преку учество, доверба и споделено искуство.

Годинава фестивалот повторно донесе работилници, изложби, филмски проекции, музика, маалски базар и уметност во јавен простор.

Токму затоа „Пркосните 12“ беа силен почеток на Маалски фестивал – не затоа што изложбата се обидуваше да биде голема приказна, туку затоа што беше искрена.

Во тие 30 портрети има многу повеќе од фотографија. Има дружење, доверба, трпение и луѓе кои низ објективот не биле само фотографирани, туку препознаени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс