Полицијата поднесе кривична пријава против 41-годишна жена од Кратово која четири години незаконски им наплаќала влезници на посетителите на природниот локалитет Куклица. Таа лажно се претставувала како вработена во музеј и го искористила отсуството на официјална наплата за да си оствари противправна имотна корист.
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело лажно претставување и измама. Пријавената З.Ј. (41) од Кратово, во периодот од 2020 до 2024 година, на локалитетот „Камени кукли“ во селото Куклица, се претставувала како службено лице, вработена во Музеј Кратово.
За да ги доведе во заблуда посетителите, таа изработила и користела импровизирани влезници кои им ги продавала на домашните и странските туристи кои доаѓале да ги видат познатите камени фигури. Со оваа дејност, според полициските сознанија, пријавената остварила значителна противправна имотна корист, оштетувајќи ги и посетителите и угледот на самиот локалитет.
Случајот го отвора прашањето за заштитата и управувањето со природните и културните локалитети во земјава, каде со години недостасува организиран систем за наплата и надзор, што остава простор за вакви злоупотреби. Од полицијата информираат дека по расветлувањето на случајот, судија на претходна постапка ѝ одреди мерка притвор.