ОткакоО Warner Bros. првпат го најавија снимањето на новиот игран филм од светот на Господар на прстените минатото лето, сега конечно е познато кога филмот ќе ја има својата премиера во кината. Филмот Господар на прстените: Лов на Голумот (Lord of the Rings: The Hunt for Gollum) ќе го следи истиот принцип како и неговите претходници и ќе биде прикажан во декември.
Како што пренесува Variety, филмот на Енди Серкис ќе почне да се прикажува во кината на 17 декември 2027 година, непосредно пред божиќните празници, исто како и филмовите од трилогиите Господар на прстените и Хобит, кои постигнаа глобален приход вреден милијарди долари.
Warner Bros. првпат го најави Лов на Голумот минатото лето и тогаш беше планирано филмот да пристигне во 2026 година, но датумот на излегување е поместен за една година.
Серкис ќе го режира филмот и повторно ќе ја толкува насловната улога, која ја игра со помош на технологија за motion capture уште од филмот Господар на прстените: Две кули од 2002 година. Неговите претходни режисерски проекти ги вклучуваат Могли: Легендата за џунглата и Веном 2.
Оригиналниот режисер на трилогијата Господар на прстените, Питер Џексон, заедно со Фран Волш и Филипа Бојенс, го продуцира новиот филм. Warner Bros. при најавата на филмот нагласи дека овој тројца ќе бидат вклучени “во секој чекор од создавањето на филмот”, пишува Variety.
Филипа Бојенс изјави за списанието Empire дека Лов на Голумот е “доста интензивна приказна” која се одвива “по роденденската забава на Билбо и пред рудниците на Морија. Станува збор за специфичен дел од неверојатна, сè уште нераскажана приказна, раскажана од перспективата на тоа исклучително суштество”, објасни таа.
Актерите од оригиналната трилогија, како што се Иан Мекелен (Гандалф), Орландо Блум (Леголас) и Виго Мортенсен (Арагорн), изразиле интерес да се вратат во новиот филм, доколку тоа смислено се вклопи во приказната, иако дополнителни имиња засега не се официјално потврдени.