Украина ѝ предаде двајца заробени севернокорејски војници на Јужна Кореја

Војниците беа заробени во Курск, а наместо за размена со Москва, Киев одлучи да ги испрати во Сеул по апелите за нивната безбедност.

Украина предаде двајца заробени севернокорејски војници на Јужна Кореја, соопшти претседателот Володимир Зеленски во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк. Војниците беа фатени на фронтот во руската област Курск на почетокот на минатата година, по што властите во Киев проценија дека нивното предавање на Сеул е најбезбедно решение по апелите од меѓународните организации за заштита на човековите права.

Двајцата припадници на војската на Северна Кореја беа заробени во јануари минатата година на територијата на руската Курска област. Тие се првите севернокорејски борци фатени живи откако Пјонгјанг испрати свои трупи на боиштето во 2024 година за поддршка на руските сили.

Зеленски во седиштето на ОН посочи дека приведувањето на овие војници било исклучително тешко и ризично. Според неговите зборови, еден од војниците се обидел да си го одземе животот во моментот кога сфатил дека ќе падне во заробеништво, видно шокиран што обидот не успеал.

Првичниот план на украинските власти предвидуваше заробениците да му бидат понудени на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун исклучиво во замена за украински војници кои се наоѓаат во руско заложништво. Сепак, официјален Пјонгјанг не покажа интерес за судбината на своите испратени трупи.

Во исто време, меѓународните организации за човекови права побараа од Киев да не ги враќа војниците во Северна Кореја поради ризик од тортура и егзекуција. Јужнокорејските медиуми пренесоа дека заробениците самите побарале да пребегаат на Југот, по што Украина донесе одлука да ги префрли директно под заштита на Сеул.

е-Трн да боцка во твојот инбокс