Трамп: Примирјето со Иран истекува во среда, продолжување е „малку веројатно”

Трамп во интервју за Блумберг изјави дека нема да биде „притиснат да склучи лош договор”, додека Ванс патува кон Исламабад за нов круг преговори чиј исход останува неизвесен.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека примирјето со Иран истекува во среда навечер по вашингтонско време и дека понатамошно продолжување е „малку веројатно”. Потпретседателот Џеј Ди Венс патува кон Пакистан за нов круг преговори, но Техеран сè уште не потврдил дека ќе испрати своја делегација во Исламабад.

Ванс патува кон Исламабад, Техеран молчи за учество

Потпретседателот Џеј Ди Венс, кој го предводеше американскиот тим на претходниот круг преговори во Пакистан, повторно патува кон Исламабад. Преговорите меѓу двете страни требало да почнат во вторник, но Иранското министерство за надворешни работи преку портпаролот Исмаил Баги изјави дека „нема план и нема одлука” за нов круг разговори, обвинувајќи ги САД за постојано кршење на примирјето. Ирански извори блиски до преговарачкиот тим, меѓутоа, и натаму тврдат дека делегацијата ќе пристигне во Пакистан во вторник.

Запленувањето на „Тоуска” го продлабочи меѓусебното недоверие

Напнатоста беше дополнително засилена откако американскиот разорувач USS Spruance во недела го запленил иранскиот товарен брод „Тоуска” во Оманскиот Залив, откако екипажот одбил да го запре бродот по шест часа предупредувања, соопшти Централната команда на САД. Техеран го нарече чинот „вооружено пиратство” и кршење на примирјето, а иранската врховна воена команда предупреди дека „ќе одговори и ќе се одмазди”. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, во изјава пренесена од државната агенција ИРНА, повика на рационален и дипломатски пристап, нагласувајќи дека „војната не е во ничиј интерес”.

Хормускиот теснец блокиран, нафтените цени нагло растат

Во недела нитu еден танкер не поминал низ Хормускиот теснец, според податоците за следење на бродскиот сообраќај. Иран го затворил теснецот откако обвини дека САД не го почитувале договорот, а американската поморска блокада на иранските пристаништа продолжува. Цените на нафтата нагло пораснале поради растечките напнатости: Брент беше на 96,88 долари по барел, а американскиот WTI на 90,33 долари. Американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави за CNN дека цената на бензинот во САД, која во недела достигна просек од 4,05 долари по галон, можеби нема да падне под 3 долари „до следната година”.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни