Превозниците протестираа пред седиштето на ЕУ во Скопје

Превозниците бараат да се изземат од правилото 90/180 дена, затоа што како што велат, тие се работници а не туристи

Превозниците денеска напладне го блокираа просторот пред седиштето на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Тие уште еднаш го искажаа својот револт од новите правила за влез и излез во Шенген зоната, барајќи времето во зоната да им се брои со часови а не со денови.

Со транспаренти „На пат сме по работа, не за одмор“, „Броиме денови, наместо километри“ и „Европски вредности или европски казни“ превозниците бараат од Брисел да ги третира како професионални возачи, а не како што велат како туристи.

„Бараме да не ни ги бројат деновите како да сме туристи, туку како возачи. Треба да ни ги бројат часовите. Ако на граница влезам во 15 часот, тоа ми го сметаат како цел ден. Со денови стоиме на граници и нè малтретираат. Колега е задржан четири часа во притвор, како криминалец го држат бидејќи пречекорил десетина дена“, изјави еден од превозниците.

Превозниците предупредуваат дека проблемот веќе почнува да се одразува врз транспортниот сектор, бидејќи дел од професионалните возачи одбиваат да прифатат тури кон земјите од Шенген поради страв дека ќе го надминат дозволениот престој и ќе добијат забрана за влез.

Според учесниците на протестот, евентуалното дополнително ограничување на нивната работа може да има сериозни последици не само за транспортните компании, туку и за снабдувањето со основни производи.

„Ако не сме ние, ќе снема храна и опрема. Бараат да одиме со термини, а ним им треба робата. Ако не сме ние, ќе снема храна, нафта и лекови“, порачаа превозниците.

Според правилата за краткорочен престој, државјаните на трети земји можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена. Превозниците бараат при примената на овие правила да се земе предвид специфичната природа на нивната професија и фактот дека тие не патуваат туристички, туку ја извршуваат својата работа.

Покрај во Скопје, во ист период се одржаа протести и во Србија, Црна Гора и БиХ бидејќи и тамошните возачи ја делат судбината со нивните македонски колеги.

е-Трн да боцка во твојот инбокс