Превозниците ги откажаа блокадите кон Европската Унија откако на средба во Белград добија уверување за решавање на проблемот со шенгенските ограничувања. Камионџиите од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора требаше денеска целосно да го запрат сообраќајот кон европските граници. По разговорите со претставници на дел од членките на Шенген-зоната и европските дипломати, блокадите се ставени во мирување за да не се прекинат регионалните трговски синџири.
Најавениот целосен прекин на транспортот кон границите на Европската Унија е повлечен во последен момент. Одлуката ја донесоа претставниците на транспортните асоцијации од четирите држави од Западен Балкан по директен разговор со претставници на земји од Шенген-зоната, организиран преку Делегацијата на ЕУ во Белград.
Од асоцијацијата „Макам-транс“ потврдија дека превозниците отстапиле од радикалните чекори за да остават простор за преговори.
„На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ“, соопштија од организацијата.
Со ова сообраќајот на граничните премини останува редовен, но транспортерите предупредуваат дека решението не смее да се одолговлекува.
Суштината на спорот лежи во шенгенското правило 90/180, според кое граѓаните на земји што не се дел од Унијата смеат да престојуваат во таа зона најмногу 90 дена во период од шест месеци.
Ова ограничување важи и за професионалните возачи. Тие поголемиот дел од работните часови го поминуваат на европските коридори и на граничните терминали, па многу брзо го исцрпуваат дозволениот рок.
Доколку го пречекорат лимитот, возачите ризикуваат парични казни, депортација и забрани за влез. Компаниите се соочуваат со недостиг на кадар, празни камиони и огромни пенали кон европските партнери за секоја задоцнета пратка. Регионалните транспортни здруженија бараат посебен статус или ослободување за транспортните работници додека траат нивните службени рути.