Претставничкиот дом усвои резолуција за ограничување на војната со Иран: политички удар за Трамп

Претставничкиот дом на САД усвои резолуција со која се бара запирање на воените дејства против Иран без одобрување од Конгресот. Мерката има симболичен карактер, но ја засилува политичката дебата околу воените овластувања.

Претставничкиот дом на Конгресот на САД усвои резолуција со која се бара запирање на воените активности против Иран сè додека тие не добијат претходно одобрение од Конгресот. Резолуцијата, која ја предводеа демократите, беше усвоена со 215 гласови „за“ и 208 „против“, а поддршка дадоа и четворица републикански конгресмени, пренесува „Ројтерс“.

Иако гласањето претставува политички удар за претседателот Доналд Трамп, мерката засега има претежно симболичен карактер. За да стапи на сила, таа треба да биде усвоена и од Сенатот, а за да се надмине очекуваното претседателско вето би била потребна двотретинска поддршка во двата дома на Конгресот.

Гласањето доаѓа по три претходни неуспешни обиди за усвојување слични резолуции во Претставничкиот дом, при што разликата меѓу поддржувачите и противниците постепено се намалува. Сенатот минатиот месец, по седум неуспешни обиди, во процедурално гласање усвои посебна, но содржински слична резолуција за воените овластувања. Иако ваквите иницијативи засега немаат директна правна сила, тие ја одразуваат растечката загриженост во Конгресот околу проширувањето на извршните овластувања во однос на воените операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс