Средношколците од Македонска Каменица отворено разговараа за емоционалниот притисок и штетноста на родовите улоги преку театарска претстава изведена во Домот на културата. Настанот, организиран од ХЕРА и младинската патувачка трупа „Театар за тебе“, во партнерство со Општина Македонска Каменица и СОУ „Миле Јаневски – Џингар“, покажа како културните форми можат директно да го поттикнат менталното здравје кај младите.

Преку приказната за едно младо момче, претставата го прикажа притисокот што произлегува од општествените очекувања дека момчињата и мажите треба постојано да бидат силни, да ги потиснуваат своите чувства и да не ја покажуваат својата ранливост. Пораката дека „машките не плачат“ е еден од стереотипите што ги ограничуваат емоционалното изразување, развојот на емпатијата и способноста за градење здрави односи.

Претставата ја отвори и темата за улогата на партнерските односи, емоционалната блискост и поддршката во препознавањето и изразувањето на чувствата. Истовремено, преку приказната беше посочена и ранливоста на девојките и жените, вклучително и ризикот од сексуална злоупотреба, нагласувајќи ја важноста на почитувањето на личните граници и одговорноста во меѓучовечките односи.

Родовата еднаквост почнува и со начинот на кој ги воспитуваме момчињата** – да ги препознаваат и изразуваат своите емоции, да покажуваат емпатија, да ги почитуваат туѓите граници и да градат односи засновани на почит, доверба и ненасилство.

Преку ваквите активности, ХЕРА придонесува кон отворање простор за разговор со младите за родовите стереотипи, емоционалното здравје и превенцијата од насилство, поттикнувајќи критичко преиспитување на општествените норми што влијаат врз однесувањето и односите меѓу младите.

