Музичка младина на Македонија го најавува есенскиот циклус на концертите „Слободна среда“, кои ќе се одржат на 21 и 28 октомври 2026 година, во Салонот 19:19 при Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, со почеток во 19:00 часот.
„Слободна среда“ е концертна платформа на Музичка младина на Македонија која им овозможува на младите музичари, од најраната возраст до студентските години, да го претстават својот талент пред публика и да стекнат драгоцено сценско искуство.
На двата концерта ќе настапат млади инструменталисти и вокални солисти од музичките училишта и факултетите во Македонија, со разновидна програма што опфаќа дела од различни музички епохи, од барокот и класицизмот до романтизмот и современото музичко творештво, вклучувајќи и дела од македонски композитори.
Преку оваа платформа, Музичка младина на Македонија продолжува да ја поттикнува младата музичка сцена, создавајќи простор за афирмација, меѓусебна поддршка и непосредна средба на младите изведувачи со публиката.
Влезот за двата концерта е слободен.
Концертите се реализираат со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Ги покануваме сите љубители на класичната музика да ги поддржат младите таленти и да уживаат во две музички вечери исполнети со ентузијазам, посветеност и младешка енергија.
