Пресврт на времето во април: Дожд, грмежи и нагло заладување – се враќа и снегот на планините

По пролетно стабилно време, од 28 април следи дестабилизација со дожд, грмежи и ветер, а на 30 април и нагло заладување со снег на планините во Македонија.

По неколку стабилни и сончеви пролетни денови, Македонија кон крајот на април влегува во период на нагла промена на времето, со дестабилизација на атмосферата, локални врнежи и значително заладување. До понеделник, 27 април 2026 година, времето ќе остане пролетно стабилно со многу сонце и релативно високи дневни температури.

Но веќе од вторник, 28 април, под влијание на продор на значително постудена воздушна маса од север на висина, времето ќе почне да се менува. Атмосферата ќе стане нестабилна, со развој на конвективни облаци кои локално ќе донесат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

Нестабилноста ќе продолжи и во среда, 29 април, кога повторно во попладневните часови се очекуваат локални грмежи, поројни врнежи и ветрови во зоните на нестабилност. Овие појави ќе бидат краткотрајни, но интензивни.

И Скопје и околината нема да бидат исклучок, во вторник и среда попладне се очекуваат услови за развој на нестабилност со дожд, грмежи и повремено засилен ветер.

Големо заладување од четврток

Веќе во четврток, 30 април 2026 година, времето целосно ќе се промени под влијание на влажна и значително постудена воздушна маса од север.

Во поголем дел од државата се очекуваат врнежи од дожд, засилен северен ветер и осетно опаѓање на температурите. На планините над 1200–1300 метри надморска височина, дождот ќе преминува во снег, што е јасен знак за продорот на постуден воздух.

Во вторник и среда (28/29 април) температурите ќе останат пролетни и ќе се движат од 19 до 25 степени, додека во Скопје ќе достигнуваат 23 до 25 степени. Но веќе во четврток следи нагло заладување – температурите ќе се намалат и ќе бидат под просекот за овој период од годината, од 9 до 18 степени, додека во Скопје ќе достигнат околу 14 степени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни