Јога, музика и студени бањи во Брајчино: Заврши петдневниот Преспа Ритрит

Селото Брајчино пет дена беше домаќин на активности за лична благосостојба во рамки на проектот „Магијата на Преспа“.

Во селото Брајчино од 1 до 5 септември се одржа петдневниот Преспа Ритрит, настан посветен на движењето, тишината и личната благосостојба. Програмата понуди различни содржини низ кои учесниците имаа простор да го забават темпото во природниот амбиент на регионот. Активноста се реализираше во рамки на поширокиот проект „Магијата на Преспа“, чија цел е промоција на одржлив и автентичен туризам.

Програмата на ритритот опфати повеќе методи водени од различни практичари. Утринските часови беа резервирани за јога и ајурведски вежби за дишење со Сандра Беговиќ, додека композиторот Дуке Бојаџиев одржа музички сесии фокусирани на интроспекција и лична рефлексија.

Бети Котовчевска ги водеше учесниците низ техники за дишење и изложеност на студена бања, насочени кон испитување на личните ментални и физички граници. Гере Трипков работеше на телесни практики, медитација и рефлексологија за внатрешен баланс, а последната вечер заврши со звукотерапија под водство на Ива Зафировска.

Покрај организираните работилници, голем дел од престојот помина во прошетки низ Брајчино, заеднички оброци и спонтани разговори. Организаторите посочуваат дека целта не била следење строга агенда, туку оставање простор секој учесник сам да го избере сопствениот ритам.

„Не сакавме да создадеме ритрит кој ќе им каже на луѓето што треба да почувствуваат или на што треба да се фокусираат. Сакавме да создадеме простор во кој секој ќе може да открие што му е потребно“, наведуваат од организацискиот тим.

Ритритот е дел од проектот „Магијата на Преспа“, кој се спроведува како дел од програмата #ЕУзаПреспа, финансирана од Делегацијата на Европската Унија, а имплементирана од УНДП.

Иницијативата претходно ги опфати и „Преспанските аванТУРИ“, кои вклучуваа возење стандардни и адаптивни велосипеди. Како дел од тие активности, во Ресен беше воведен и првиот општински сервис за изнајмување адаптивни велосипеди наменети за лица со попреченост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс