Продромалната фаза на мигрената, позната и како предупредувачка фаза, може да биде клучен сигнал дека нападот на главоболка се приближува. Овој период може да започне 24 до 48 часа пред самата болка и да трае до 72 часа ако не се третира. Во оваа фаза се јавуваат различни физички, психолошки и сетилни промени, кои можат да помогнат навреме да се препознае и да се спречи развојот на мигрената.
Рани знаци на мигрена
Најчести симптоми во продромалната фаза се промени во расположението, како анксиозност, раздразливост или депресија. Често се јавува и т.н. „мозочна магла“, која го отежнува концентрацијата и јасното размислување.
Кај дел од луѓето се појавуваат и дигестивни симптоми, како намален апетит, мачнина или ненадејна желба за одредена храна. Физички знаци може да бидат замор, зевање, болка во вратот и зголемена потреба за мокрење. Исто така, честа е зголемена чувствителност на светлина и звук.
Разлика меѓу продром и аура
Иако и двете фази може да претходат на мигрената, продромот и аурата не се исти. Аурата обично се јавува непосредно пред нападот или истовремено со него и најчесто вклучува визуелни нарушувања како трепкачки светла, цик-цак линии или слепи точки во видното поле. Понекогаш се појавуваат и проблеми со говор, слух или слабост на делови од телото.
За разлика од тоа, продромалната фаза се јавува еден до два дена порано и претставува прво предупредување.
Како да се запре мигрената навреме
Кај лица со хронична мигрена, лекарите може да препишат лекови како триптани или ерготамин. Најважно е тие да се земат веднаш по појавата на првите симптоми, кога шансата за спречување на нападот е најголема. Дополнително, може да помогне одмор во темна и тивка просторија, ладни облоги на челото и избегнување на познати тригери како силна светлина, бучава и силни мириси. Редовната хидратација и не прескокнување оброци исто така имаат значајна улога.
Превенција на мигрена
Спречувањето на мигренските напади вклучува избегнување на индивидуалните тригери, редовна терапија и здрав животен стил. Се препорачува избегнување алкохол и пушење, редовен сон, умерена физичка активност и контрола на стресот. Ограничување на кофеинот и водење дневник за мигрена може да помогне во откривање на личните предизвикувачи.
Доколку се забележат рани симптоми на мигрена, препорачливо е да се консултира лекар за план на превенција. Во случај на ненадејна, силна и невообичаена главоболка, потребна е итна медицинска помош.