Исланд одлучува за преговорите со ЕУ, опозицијата бара Брисел да не се меша

Гудрун Хафстеинсдотир, лидерка на најголемата опозициска партија, вели дека одлуката треба да ја донесат само Исланѓаните
Фото: EPA/OLIVIER HOSLET

Гудрун Хафстеинсдотир, лидерка на Независната партија, најголемата опозициска партија во Исланд, побара од европските политичари да не се мешаат во исходот на референдумот за продолжување на преговорите со ЕУ. Граѓаните гласаат на 29 август, а предвременото гласање започна денес. Хафстеинсдотир смета дека одлуката треба да ја донесат исклучиво Исланѓаните.

„Клучно е одлуката во август да ја донесе исланскиот народ”, изјави Хафстеинсдотир за Politico. Според неа, Исланѓаните треба сами да одлучат, без надворешно влијание. Независноста, вели таа, е емотивно прашање за нејзината земја. Во историја долга 1.200 години, Исланд бил независен само околу еден век.

Граѓаните на 29 август одлучуваат дали да продолжат со пристапните преговори со ЕУ, не и за самото членство. За конечна одлука за влез би бил потребен уште еден референдум. Анкетите покажуваат речиси подеднаква поделеност меѓу поддржувачите и противниците на продолжување на преговорите, изјави Хафстеинсдотир.

Референдумот е исполнување на ветување на трипартиската коалиција на премиерката Криструн Фростадотир, која е на власт од крајот на 2024 година. Медиумите ја нарекуваат „Валкирина влада”, бидејќи трите партии во сојузот ги предводат жени, а една од нив е проевропска. Фростадотир изјавила дека целта е да се затвори „расправата што ја оптоварува исланската нација”.

Европската комесарка за проширување, Марта Кос, го поздрави одржувањето на референдумот и порача дека Унијата ќе биде „подготвена” ако Исланд одлучи да влезе. Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ноел Баро, изјави дека Рејкјавик „нема што да изгуби” со обновувањето на преговорите. Реакциите доаѓаат во момент кога Брисел се обидува да ја оживее политиката на проширување како геополитички проект, со цел поблиску да ги поврзе Украина, Молдавија и земјите од Западен Балкан со ЕУ, во контекст на затегнатите односи со Вашингтон и растечката конкуренција со Кина.

Случајот на Исланд се разликува од другите кандидати. Земјата со околу 400.000 жители веќе е длабоко интегрирана во ЕУ преку Европскиот економски простор и Шенгенскиот договор, а најголемиот дел од нејзината надворешна трговија се одвива со Унијата. Исланд поднесе барање за членство во 2009 година, по тешката финансиска криза и колапсот на банкарскиот систем, но преговорите беа прекинати во 2013 година. Економијата во меѓувреме закрепнала, а со Брисел избувна и спор околу рибарските квоти.

За противниците на членството клучно е дали Исланд ќе задржи контрола врз политиките пресудни за неговата економија и национален идентитет, особено рибарството, земјоделството и економската политика.

„Пријателството не значи нужно и членство”, вели Хафстеинсдотир, додавајќи дека постојниот однос со ЕУ веќе нуди придобивки од соработката, без обврските на полноправно членство. Прашањето на суверенитетот дополнително е засилено од растечките безбедносни тензии на Арктикот, поттикнати и од изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд, кој на почетокот на годината на Светскиот економски форум повеќепати го измеша со Исланд.

Исланд нема војска и во одбраната се потпира на НАТО. Хафстеинсдотир ја истакнала историјата на земјата како доказ дека може да ги заштити своите интереси и без членство во ЕУ, потсетувајќи на Бакаларските војни против Обединетото Кралство во 1970-тите, спор околу рибарските права што заврши во корист на Исланд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс