Пред 57 години Аполо 11 полета кон Месечината, останатото е истотија

Сатурн V ги извади тројцата астронаути во орбита за 12 минути, а патувањето до слетувањето траеше вкупно осум дена

На 16 јули 1969 година, вселенскиот брод Аполо 11 полета од вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида кон Месечината, носејќи ги астронаутите Нил Армстронг, Мајкл Колинс и Баз Олдрин. Четири дена подоцна, Армстронг стана првиот човек што стапнал на друго небесно тело, а мисијата го означи завршувањето на првото поглавје од трката во вселената.

Осум години подготовки за еден лет

Патот до 16 јули 1969 година започнал со ветувањето на претседателот Џон Ф. Кенеди од 25 мај 1961 година, кога тој јавно ја поставил целта човек да слета на Месечината до крајот на деценијата. По трагичниот пожар во кабината на Аполо 1 во јануари 1967 година, во кој загинале астронаутите Гас Грисом, Ед Вајт и Роџер Чафи, НАСА го преработила целиот систем на безбедносни протоколи.

Мисиите Аполо 7 до Аполо 10 служеле како постепени тестови на командниот и лунарниот модул, пред Аполо 11 конечно да добие зелено светло за целосен обид за слетување на Месечината.

Полетувањето и три дена во лет

Ракетата Сатурн V AS-506 полетала во 9:32 часот наутро, според источното летно време, од лансирната рампа 39А, пред околу еден милион гледачи кои го следеле настанот од непосредна близина. Екипажот, командирот Нил Армстронг, пилотот на командниот модул Мајкл Колинс и пилотот на лунарниот модул Баз Олдрин веќе имал искуство од претходни мисии, но Аполо 11 бил нивниот прв и единствен заеднички лет кон Месечината.

Дванаесет минути по полетувањето, леталото влегло во елиптична орбита околу Земјата, а потоа продолжило кон Месечината со почетна брзина од околу 38.946 километри на час. По три дена патување, на 19 јули, Аполо 11 влегол во орбита околу Месечината.

Слетувањето и светот пред екраните

На 20 јули, лунарниот модул со прекар „Орел“ се одвоил од командниот модул „Колумбија“, во кој останал Мајкл Колинс, сам во орбитата околу Месечината. Во текот на дванаесетминутното контролирано спуштање, компјутерот на модулот испратил серија непланирани аларми, со кои екипажот не се сретнал во симулациите.

Контролниот центар во Хјустон проценил дека слетувањето може безбедно да продолжи. Армстронг го презел рачното управување во последните моменти за да го избегне карпестиот терен кон кој леталото било насочено, а „Орел“ слетал во Морето на спокојството во 20:17:39 часот според координираното универзално време (UTC). Неговата порака до Хјустон останала запаметена во историјата:

„Орелот слета.“

Наместо предвидениот период за одмор, двајцата астронаути одлучиле веднаш да продолжат со подготовките за излегување на површината. Во 22:56 часот според источното летно време, Армстронг стапнал на лунарната површина и ги изговорил познатите зборови:

„Ова е мал чекор за човекот, голем скок за човештвото.“

Телевизискиот пренос на овој историски момент го следеле околу 650 милиони луѓе ширум светот. Настанот бил пренесуван во живо во 33 земји, а милиони други го слушале преку радио. До денес, ова останува еден од најследените телевизиски настани во историјата. Меѓу гледачите бил и претседателот Ричард Никсон, кој разговарал со астронаутите директно преку контролниот центар во Хјустон додека тие сè уште биле на површината на Месечината.

Олдрин му се придружил на Армстронг набргу потоа. Меѓу фотографиите од нивната прошетка, најпозната е онаа на Олдрин како стои покрај американското знаме, додека ликот на Армстронг се одразува во визирот на неговиот шлем. Поради распоредот на задачите, речиси и да нема фотографии од самиот Армстронг на површината на Месечината.

Двајцата астронаути поминале вкупно 21 час и 36 минути на Месечината, поставиле знаме, собрале примероци од карпи и почва и оставиле научна опрема, меѓу која и ласерски рефлектор кој и денес се користи за мерење на растојанието до Месечината.

Враќање и триумфално пречекување

По вкупно осум дена, три часа и 18 минути мисија, Аполо 11 приводнил во Тихиот Океан на 24 јули 1969 година. Тројцата астронаути поминале 21 ден во карантин, како мерка на претпазливост поради можноста да донесат непознати микроорганизми од Месечината.

По завршувањето на карантинот, Армстронг, Олдрин и Колинс биле пречекани со големи паради во Њујорк и Чикаго, а нивното патување станало симбол на технолошкиот напредок и човечката амбиција.

Мисиите по Аполо 11 и патот до денес

По Аполо 11 следеле уште пет успешни мисии со слетување на Месечината, како и една мисија која не успеала да ја достигне нејзината површина, Аполо 13. Нејзиниот екипаж безбедно се вратил на Земјата по експлозијата во сервисниот модул, што ја претворило мисијата во едно од најпознатите спасувања во историјата на вселенските летови. Последните луѓе што чекореле по Месечината биле Јуџин Сернан и Харисон Шмит од мисијата Аполо 17, во декември 1972 година.

По тој период, ниту еден човек не патувал подалеку од ниската орбита околу Земјата, сè до мисиите од новата ера на истражување на Месечината. Меѓу позначајните вселенски настани во последните години е и летот на компанијата „Блу Ориџин“ од април 2025 година, кога шестчлен женски екипаж, меѓу кој била и пејачката Кети Пери, учествувал во кратка суборбитална мисија.

Тоа бил првиот екипаж составен исклучиво од жени по 1963 година, кога советската космонаутка Валентина Терешкова, првата жена во вселената, сама летала на орбитална мисија која траела речиси три дена.

Сепак, нејзиниот лет бил значително подолг и технички различен од краткиот суборбитален лет на „Блу Ориџин“.

Во април 2026 година, НАСА ја реализираше мисијата Артемис II, првиот екипажен лет околу Месечината по програмата Аполо. Четворицата астронаути го надминаа рекордот на Аполо 13 за најоддалечено патување на луѓе од Земјата, пред безбедно да се вратат назад. Планираното враќање на луѓето на површината на Месечината, преку мисијата Артемис IV, е предвидено за почетокот на 2028 година.

Новата вселенска ера

Денес НАСА повеќе не е единствениот носител на големите вселенски мисии. Приватните компании сè повеќе ја менуваат индустријата, а една од највлијателните е „СпејсИкс“ на Илон Маск. Компанијата управува со голем број активни сателити во орбитата преку мрежата „Старлинк“ и е избрана за развој на еден од лунарните модули за идните мисии „Артемис“.

Компанијата продолжува да игра значајна улога во развојот на комерцијалните вселенски летови и новата економија поврзана со орбитата. Патот што започна со натпреварот меѓу две суперсили во 1969 година денес го продолжуваат државните агенции и приватните компании, кои заедно ја обликуваат иднината на истражувањето на вселената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс