Утрово, до 07:30 часот, регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор на територија на Македонија, информира ЦУК.
Од регистрираните пожари, осум се активни, два се под контрола, додека 17 пожари биле изгаснати.
Во моментов, активни пожари има во општините Сарај, Ресен, Петровец, Прилеп, Чашка, Јегуновце и Боговиње, каде најчесто гори нискостеблеста шума.
Пожари под контрола се пожарите во општина Гостивар и општина Македонски Брод, додека 17 пожари се изгаснати низ општините Битола, Струга, Куманово, Бутел, Гази Баба, Дебар, Штип…
Пожарот што вчера го зафати Националниот парк Пелистер е ставен под контрола, а при гаснењето повредени се две лица кои учествувале во акцијата.
Директорот на НП Пелистер, Иванчо Тошевски, изјави дека здравствената состојба на повредените е стабилна.
„После пеколната ноќ на терен во која дејствуваа екипите на НП Пелистер, ППТЕ Битола, ДПД Архангел и механизацијата на Јавните претпријатија од Битола пожарот е целосно локализиран. Опасноста за негово понатамошно активирање и ширење и понатаму е голема и во голема мера зависи од временските услови. Во текот на ноќта повредени се двајца припадници на единиците кои дејствуваа на терен и нивната здравствена состојба е стабилна. Единиците продолжуваат да дејствуваат на терен со поддршка на армиски хелихоптер. Подоцна се очекува да пристигнат ДПД Кочани и двата ЕР трактори“, изјави директорот на НП Пелистер Иванчо Тошевски.