Инстаграм и Фејсбук ќе воведат нови ограничувања за тинејџерите во САД, меѓу кои дневен лимит од два часа и забрана за користење на платформите во текот на ноќта. Мерките се дел од спогодба вредна речиси 18 милијарди долари меѓу компанијата Мета и 48 американски сојузни држави.
Според договорот, корисниците помлади од 18 години автоматски ќе бидат ограничени на два часа користење на социјалните мрежи дневно. Instagram и Facebook за нив ќе бидат недостапни од полноќ до 6 часот наутро.
Дневниот лимит ќе може да се укине само со дозвола од родител, додека некои други функции, како автоматското пуштање видеа и алгоритамското прикажување содржини, ќе можат да се исклучат само на барање на самиот корисник.
Една од промените е и забраната за скриено броење на „лајковите“. Мета дополнително ќе ја заостри проверката на возраста на корисниците, комбинирајќи сопствени технологии со системи на трети страни. Ефикасноста на овие системи редовно ќе ја проверуваат независни ревизори.
Сепак, новите мерки веќе предизвикаа предупредувања од експерти дека ограничувањето на времето поминато на платформите не го решава проблемот со потенцијално штетните содржини што алгоритмите им ги препорачуваат на тинејџерите.
„Два часа не го решаваат проблемот“
Артур Бехар, поранешен директор за инженерство во Мета и сведок во федералната судска постапка против компанијата, оцени дека спогодбата е значаен чекор, но предупреди дека родителите не треба да претпостават дека Instagram сега е целосно безбеден за децата. Според него, главниот проблем е што ограничувањето на времето не кажува што им се прикажува на тинејџерите во тие два часа.
Тој предупредува дека алгоритмите можат да ги поттикнуваат младите да продолжат со бесконечното скролање дури и откако ќе го достигнат дневниот лимит. „Проблемот е во тоа што Мета може да дефинира што е штетно“, порача Бехар, посочувајќи дека ограничувањето на времето не го решава проблемот со содржината што им се сервира на корисниците.
Мета ќе ја заостри проверката на возраста
Спогодбата предвидува и конкретни цели за намалување на лажно позитивните резултати, односно ситуациите во кои малолетен корисник погрешно е идентификуван како полнолетен. Доколку Мета утврди дека корисникот е помлад од 13 години и го отстрани неговиот профил, компанијата ќе проверува и колку години имаат неговите пријатели на платформата.
Американскиот закон за заштита на приватноста на децата пропишува дека корисниците мора да имаат најмалку 13 години за да отворат профил. Бехар, сепак, тврди дека Мета досега немала доволно јасни цели и мерила за идентификување и проверка на корисниците за кои постои сомневање дека се помлади од 13 години.
Експертите бараат промени во алгоритмите
Џош Голин, директор на организацијата Fairplay за безбедност на децата на интернет, оцени дека спогодбата премногу се потпира на алатките што им се достапни на родителите, наместо директно да ги ограничува потенцијално опасните функции.
Особено загрижувачки, според него, се алгоритмите за препорака на содржини, кои можат да ги одведат децата кон опасни содржини или да ги изложат на онлајн предатори. Слични критики се однесуваат и на функцијата „Направи пауза“, која ги потсетува тинејџерите да престанат со користење на апликацијата по подолго скролање.
Иако Мета ја постави функцијата како стандардна опција за тинејџерските профили во 2024 година, мал број тинејџери ја користеле, а корисниците сè уште можат да го отстранат известувањето и да продолжат со користење.
Мерките главно важат за САД
Спогодбата, која ја одобри американската окружна судијка Ивон Гонзалес Роџерс, ги опфаќа 48 сојузни држави, како и Дистриктот Колумбија и американските територии. Мерките ќе се спроведуваат во рамките на договорот според кој Мета во следните 10 години ќе исплаќа речиси 18 милијарди долари.
Сепак, повеќето од новите ограничувања ќе се однесуваат исклучиво на корисниците во САД.
Експертите предупредуваат дека вистинскиот тест за Мета нема да биде само воведувањето на ограничувањето од два часа, туку дали компанијата ќе успее да го намали и штетното влијание на алгоритмите и содржините врз децата и тинејџерите.