Јовановиќ: Победата на Студентската листа е можност за нов економски модел, но промените нема да бидат брзи

Јовановиќ очекува новите мерки и закони да можат да се носат дури следната година, по завршувањето на изборните и институционалните постапки

Економската програма на Студентската листа во Србија е чекор во вистинската насока, но граѓаните не треба да очекуваат брзи резултати, оцени Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во интервју за телевизијата Н1.

Според него, позитивно е што програмата предвидува напуштање на моделот заснован врз евтина работна сила и поголемо потпирање врз домашни иновативни претпријатија. Сепак, смета дека недостигаат конкретни мерки за спроведување на таквата промена.

Јовановиќ укажува дека поддршката за стартапи сама по себе не е доволна. Потребно е да им се овозможи да прераснат во големи компании, а државната поддршка да се насочи кон сектори со потенцијал за раст. Тоа подразбира индустриска политика со прецизно насочени мерки, кои нема да се сведуваат само на грантови.

Неговата анализа покажува дека српската економија од 2012 до 2025 година растела просечно околу 2,4 отсто годишно, наспроти 4,2 отсто во периодот од 2001 до 2011 година. Домашните приватни инвестиции останале ниски, што тој го поврзува со корупцијата, слабата правна сигурност и отсуството на индустриска политика.

Јовановиќ очекува новите мерки и закони да можат да се носат дури следната година, по завршувањето на изборните и институционалните постапки. Потоа ќе биде потребно дополнително време за нивно спроведување и за првите резултати.

Како важна неизвесност ја издвојува и политичката стабилност. Студентската листа нема партиска структура ниту единствени ставови за сите прашања, додека економските реформи бараат повеќегодишен континуитет.


Меѓу најголемите предизвици за идната власт ги наведува состојбата на јавните финансии по предизборните трошења и обврските поврзани со ЕКСПО.

е-Трн да боцка во твојот инбокс