Не постои совршена скривница: Која земја е најбезбедна доколку се случи глобална катаклизма?

Иако ниту едно место на планетата не е целосно имуно на катастрофални настани, научниците идентификуваа која земја има најдобри услови за преживување во случај на светски колапс. Поради својата географска изолација, огромните капацитети за производство на храна и економската стабилност, Австралија е прогласена за најотпорна нација.

Нуклеарна војна, драматични климатски промени, нови пандемии, неконтролиран развој на вештачката интелигенција или ерупција на супервулкани се само дел од катастрофалните ризици што му се закануваат на човештвото. Меѓутоа, доколку се случи глобална катаклизма од невидени размери, научниците тврдат дека едно место на Земјата нуди значително подобри шанси за преживување од сите останати.

Според првата обемна студија од ваков вид, објавена во угледното научно списание Global Challenges, Австралија е оценета како најотпорната земја на планетата. Истражувачкиот тим анализирал стотици трудови и извештаи за катастрофални ризици, вклучувајќи удари од астероиди, силни сајбер-напади и ненадејни климатски шокови.

Експертите ги класифицираат глобалните катастрофи во три основни категории: настани што го блокираат сончевото светло, колапс на инфраструктурата и големи биолошки закани. Ненадејното замрачување на Сонцето може да биде предизвикано од нуклеарна зима или вулкански пепел, додека губењето на мрежите води до дефекти во струјата, транспортот и храната.

Во сите овие застрашувачки сценарија, Австралија се издвојува како единствена земја која поседува ресурси, простор и структура за одржување на општеството во услови на светски хаос. Нејзините главни предности се географската изолација како голем остров, огромното домашно производство на храна и развиениот рударски и индустриски сектор.

Покрај географските и природните фактори, анализата покажува дека стабилната демократија, пониското ниво на социјална нееднаквост и високиот животен стандард овозможуваат побрза адаптација и самоодржливост во услови на криза. Сепак, научниците предупредуваат дека дури ни оваа континетална држава не е стопроцентно заштитена од сите можни опасности.

Како островска нација, Австралија е исклучително загрозена од прекините во глобалното снабдување, бидејќи секојдневно зависи од меѓународната трговија за увоз на горива, лекови и вештачки ѓубрива. Со тоа, силата што ја нуди нејзината изолација истовремено претставува и нејзина најголема слабост во одредени кризни ситуации.

Покрај Австралија, меѓу поотпорните нации во истражувањето се споменуваат и Нов Зеланд, Јапонија, Швајцарија и Аргентина. Сепак, сите овие земји, со исклучок на континентална Швајцарија, имаат долги брегови кои ги прават ранливи на разорни цунами или локални вулкански ерупции.

Истражувачите предлагаат ваквите структурно отпорни држави да станат глобални бази за зачувување на човештвото во иднина. Во нив би можеле да се организираат заштитени складишта на храна и залихи на семиња, со што овие земји би помогнале за брзо закрепнување на цивилизацијата по евентуална глобална катастрофа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс