Повеќе од илјада доброволци низ Швајцарија закопаа памучна долна облека за да им помогнат на истражувачите да ја измерат биолошката активност во почвата. Проектот „Доказ во гаќи“ (Proof by Underpants), во организација на Универзитетот во Цирих и истражувачкиот центар „Агроскоп“, покажа дека памукот најбрзо се распаѓа во приватните градини, додека тревниците имаат најмалку активен подземен свет.
Во експериментот беа закопани над 2.000 пара памучни гаќи и 12.000 кесички чај на приближно 1.000 локации низ земјата. По два месеци под земја, учесниците ги откопаа ткаенините, ги фотографираа и ги испратија во лабораторија заедно со примероци од земјата.
Резултатите, објавени во списанието Plants, People, Planet, покажаа огромни разлики во брзината на распаѓање. Ткаенината најбрзо исчезнуваше во приватните градини поради високото ниво на органска материја, што создава идеални услови за дождовните црви, габите и бактериите. На спротивната страна се најдоа уредените тревници, каде што подземниот живот покажа најниско ниво на активност, додека земјоделските полиња и ливадите се позиционираа на средината.
Истражувачите утврдија дека намената на земјиштето има посилно влијание врз брзината на распаѓање отколку повеќето хемиски својства на самата почва.
„Нашите резултати покажуваат дека начинот на кој стопанисуваме со почвата значително влијае врз нејзиниот квалитет и врз живиот свет во неа. Здравата и биолошки активна почва е пресудна за плодноста и кружењето на хранливите материи“, изјави ко-раководителот на истражувањето, професорот по агроекологија Марсел ван дер Хејден од Универзитетот во Цирих.
За зачувување на подземниот свет, научниците препорачуваат почвата постојано да има растителна покривка, редовно да се користи компост, да се воведе разновиден плодоред и да се намали употребата на вештачки ѓубрива и пестициди.
Иако брзото разградување на памукот укажува на изобилство од хранливи материи што им годи на земјоделските култури, научниците предупредуваат дека екстремната активност не е секогаш позитивен знак за секое природно живеалиште.
„Во речиси недопрените природни живеалишта како шумите, многу високите нивоа на хранливи материи можат да укажуваат на нарушување на природниот баланс. Дури и во градините, пребрзото распаѓање на долната облека може да биде сигнал за претерано ѓубрење“, објаснува ко-раководителот на проектот, Франц Бендер од „Агроскоп“.
Температурата и влагата исто така играат директна улога. Доколку земјата стане премногу сува или премногу студена, подземните организми драстично ја забавуваат својата активност.
Бидејќи редовните научни тимови тешко можат сами да покријат илјада точки истовремено, масовниот одѕив на граѓаните овозможи создавање на една од најдеталните мапи за здравјето на почвата во Швајцарија.
Околу 240 граѓани-истражувачи се потпишани како директни соработници и коавтори на официјалниот научен труд. За возврат, секој учесник доби персонализирани лабораториски анализи за својата почва и практични совети за одржливо одгледување растенија. Научниците сега предлагаат воведување стандардизиран „индекс на долна облека“ како едноставен начин за мерење и споредба на плодноста на почвата.