Намалувањето на прашумите низ светот се успорува, но светот e сè уште под ризик

И покрај падот во 2025 година, загубата на тропски шуми останува висока и далеку од глобалните климатски цели.

Глобалното уништување на тропските прашуми забавило во 2025 година, но експертите предупредуваат дека тоа не значи дека кризата е завршена. Според новите податоци на World Resources Institute и Global Forest Watch, минатата година светот изгубил 4,3 милиони хектари тропски примарни шуми, површина приближно колку Данска. Тоа е пад од 36 проценти во споредба со рекордната 2024 година.

Иако намалувањето е охрабрувачко, бројките и понатаму покажуваат сериозен проблем. Загубата на тропски примарни шуми во 2025 година е за 46 проценти повисока отколку пред една деценија, а светот и натаму е далеку од целта до 2030 година да се запре и да се сврти трендот на губење шуми. Според WRI, сегашното ниво на загуба е околу 70 проценти повисоко од потребното за исполнување на таа меѓународна обврска.

Голем дел од глобалното намалување се должи на Бразил, земја во која се наоѓа најголемата прашума во светот, Амазонија. Таму загубата на примарни шуми што не е предизвикана од пожари се намалила за 41 процент во споредба со 2024 година, достигнувајќи најниско ниво досега. Сепак, земјоделската експанзија останува главен двигател на уништувањето на шумите во светот, додека пожарите сè почесто стануваат клучен фактор во годините со екстремни климатски услови.

Од WRI предупредуваат дека дел од падот во 2025 година се должи и на „затишје“ по екстремната година со пожари во 2024. Климатските промени и пожарите меѓусебно се засилуваат, а со нови екстремни временски услови, превенцијата и брзата реакција ќе бидат клучни за заштита на најважните светски шуми.

Висока загуба на шуми и понатаму е забележана во земји како Боливија, Демократска Република Конго, Перу, Лаос и Мадагаскар. Како главни причини се наведуваат ширење на земјоделството, рударство, пожари и зависноста на локалното население од шумите за храна и гориво. Пораката од најновите податоци е јасна: напредок има, но тој е кревок, а без посилни политики и инвестиции во заштита, прашумите ќе продолжат да исчезнуваат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни