Грција и натаму се бори со големи шумски пожари кои веќе трет ден беснеат во повеќе региони, а најтешка останува состојбата во јужниот дел на Ретимно на островот Крит, каде силните ветрови и непристапниот терен сериозно ги отежнуваат напорите за локализирање на огнената стихија.
Според грчките медиуми, пожарот во областа Агиа Параскеви постојано повторно се разгорува и се шири, додека пожарникарите водат битка да го стават под контрола. Во меѓувреме, повторно се активирал и пожарот на островот Парос.
Во гаснењето на пожарите се вклучени бројни противпожарни екипи од целиот Крит, специјални единици, тешка механизација, цистерни со вода, како и волонтери и жители од погодените подрачја.
Поради екстремно високата опасност од нови пожари, грчките власти воведоа привремена забрана за движење и престој во одредени шумски области во регионот на Патра. Забраната важи од 21:00 до 06:00 часот, а не се однесува на постојаните жители, вработените, сопствениците на земјиште, сточарите и лицата што ги користат главните патни правци.
Во текот на ноќта избувнал и нов шумски пожар во областа Фалаиси, во општината Мегалополис во регионот Аркадија.
Според грчката противпожарна служба, пожарот бил пријавен околу 23:10 часот, по што на терен биле испратени 48 пожарникари, три пешадиски противпожарни единици и 12 противпожарни возила.
Властите и натаму внимателно ја следат состојбата, бидејќи високите температури и силниот ветер создаваат услови за брзо ширење на пожарите.