Пожари кај Солун и Атина: Експлозија, 11 повредени, дронови трагаат по можни подметнувачи

Големи пожари избувнаа во индустриски зони кај Солун и Атина. Во Аспропиргос се повредени 11 лица, а грчките власти користат дронови со термални камери и истражуваат можно подметнување на пожарите.
солун принтскрин

Големи пожари избувнаа во индустриски објекти во близина на Солун и Атина, при што во еден од инцидентите се повредени 11 лица, а грчките власти отворија истрага поради сомнеж дека дел од пожарите можеби биле намерно подметнати.

Пожарот избувнал во дворот на производствен погон во Калохори, во близина на Солун. Огнот најпрво зафатил отпад, сува трева, дрвени палети и пластичен материјал, а потоа се проширил и во внатрешноста на објектот.

Во гаснењето учествувале: 23 пожарникари со девет противпожарни возила, специјален противпожарен хеликоптер, противпожарно возило од општина Делта и цистерни со вода обезбедени од регионот Централна Македонија. Поради сомнеж дека пожарот е подметнат, на терен е испратена специјална истражна единица за борба против подметнување пожари.

Дронови со термални камери ја следат состојбата

Грчките служби во справувањето со пожарите користат дронови опремени со оптички и термални камери.

Леталата во реално време ја следат состојбата на теренот и испраќаат информации до националниот координативен центар за управување со кризи, што овозможува побрза реакција на противпожарните екипи и полесно откривање на можни подметнувачи.

Експлозија во Аспропиргос, 11 повредени

Во исто време, голем пожар избувнал и во индустриски објект во Аспропиргос, во близина на Атина, каде што компанија работела со логистика, резервни делови и отпаден метал. Во инцидентот се повредени 11 лица, од кои тројца потешко, и сите се пренесени во болници во регионот на Атика.

Густиот чад бил видлив и од центарот на Атина, а на социјалните мрежи беа објавени снимки од силна експлозија за време на пожарот.

Пожарникарите успеале навреме да го локализираат огнот и да спречат поголема катастрофа, бидејќи во кругот на објектот се наоѓал камион натоварен со пропан.

Огромна материјална штета

Според првичните проценки, пожарот целосно или делумно уништил четири деловни објекти, а материјалната штета е значителна.

Истрагата за пожарот во Аспропиргос ја води специјализираната единица за борба против подметнување пожари во Западна Атика, која треба да утврди дали огнот бил предизвикан намерно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс