Пожар на товарен брод во Хамбург: Осум лица тешко повредени, меѓу нив и пожарникар

Голем пожар избувна на товарен брод во пристаништето во Хамбург, при што осум лица се тешко повредени. Германската полиција ја истражува причината за несреќата.

Осум лица, меѓу кои и еден пожарникар, се тешко повредени во пожар што вчера попладне избувнал на товарен брод во пристаништето Гревенхофкај во германскиот град Хамбург, соопштија локалните противпожарни служби. Пожарот избувнал во товарниот простор на брод долг околу 90 метри. Кога првите екипи пристигнале на местото, густ чад се издигал од задниот дел на бродот. Според информациите од службите, екипажот веќе започнал со гаснење на огнот пред пристигнувањето на спасувачките тимови.

Во интервенцијата учествувале околу 80 припадници на службите за итни случаи, а акцијата траела приближно три часа. Пожарникарите го гаснеле пожарот со повеќе црева и со заштитна опрема поради густиот чад. Во акцијата бил вклучен и противпожарен брод кој доставувал вода, додека нуркачки тимови им давале поддршка на службите на терен.

По завршувањето на интервенцијата, местото на настанот ѝ било предадено на германската полиција, која започна истрага за причините за пожарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс