На грчкиот остров Сирос денес избувна пожар во подрачјето Амбела, каде што гори ниска вегетација и сува трева. Поради силни ветрови, локалните власти издадоа наредба за евакуација на дел од населението.Во гаснењето се вклучени копнени и воздушни противпожарни сили. На терен работат 10 пожарникари со три возила, додека од воздух дејствуваат два авиона и три хеликоптери. Помош обезбедуваат и доброволци, како и цистерни од локалните самоуправи.
Грчката противпожарна служба соопшти дека на терен се испратени и истражители кои ќе го утврдат причинителот на пожарот. Пожарите во Грција во летниот период се честа појава, особено во услови на високи температури и силен ветер, кои значително го отежнуваат нивното ставање под контрола.