Пожар избувнал денеска во Сивири, на полуостровот Касандра на Халкидики, а тамошните власти преку системот за итни случаи 112 испратија предупредување до жителите и туристите во погоденото подрачје.
Во пораката се повикуваат сите кои се наоѓаат во Сивири да се оддалечат кон Мола Калива и да ги следат упатствата на надлежните служби.
Според сведоштва на туристи сместени во Сивири таквите пораки предизвикале паника и гужви по патиштата.
Според информациите од терен, огнот зафатил ниска вегетација. Во гаснењето се ангажирани 110 пожарникари со 33 противпожарни возила и три пешадиски групи. На терен се и 12 пожарникари од Молдавија со три возила, кои престојуваат во Грција во рамки на европската програма за предиспраќање пожарникари.
Од воздух во гаснењето учествуваат шест противпожарни авиони и два хеликоптери, додека дополнителна помош обезбедуваат цистерни и градежна механизација на општина Касандра.
Халкидики денеска е во многу висок степен на опасност од пожари – категорија 4.
Поради зголемениот ризик, од утре, 14 август, во периодот од 8 до 20 часот ќе биде ограничено движењето на пешаци и возила во одредени шумски подрачја во општините Касандра и Ситонија. Во делови од општина Аристотелис мерката ќе важи до 15 август.
Надлежните апелираат до туристите и жителите строго да ги почитуваат предупредувањата и мерките за безбедност. За прекршување на забраната е предвидена глоба од 300 евра.