Турските власти се борат со 115 шумски пожари долж медитеранскиот брег

Повеќе од стотина пожари се активираа на средоземниот и егејскиот брег, а силниот ветер дополнително ја отежнува борбата на терен.

Стотици противпожарници, поддржани од хеликоптери и авиони, денеска се борат да ги стават под контрола шумските пожари што се шират во близина на клучните турски туристички региони на Медитеранот и Егејското Море. Ситуацијата е критична во Анталија, Фетие и Ајвалик, каде што огнената стихија доби нова сила поради силниот ветер.

Најголема загриженост кај властите предизвикуваат пожарите околу градот Анталија, како и во познатите егејски летовалишта Фетие и Ајвалик. Националната канцеларија за шумарство соопшти дека противпожарните екипи го интензивираа ангажманот надвор од Фетие, каде што силниот ветер повторно го разгоре огнот што започна во средата.

Во регионот на Ајвалик, кој се наоѓа спроти грчкиот остров Лезбос, ангажирани се 850 противпожарници, пет авиони за гаснење пожар и шест хеликоптери. Гувернерот на провинцијата Баликесир, Исмаил Устаоглу, потврди дека сите расположливи ресурси се на терен. Според изјавата на министерот за земјоделство Ибрахим Јумакли, од средата досега се пријавени вкупно 115 шумски пожари, од кои речиси сите се ставени под контрола, освен пет активни жаришта.

Борбата со огнот доаѓа по бранот големи шумски пожари што ја зафатија Турција во 2025 година, предизвикани од долготрајна суша. Како превентивна мерка, властите уште од почетокот на летната сезона го затворија пристапот до шумите и другите подрачја со висок ризик.

е-Трн да боцка во твојот инбокс